Skip to main content

Домет до 200 метри, четири ленти и 24 часа контрола: Што сè можат камерите на „Безбеден град“ да забележат?

Со стартот на системот „Безбеден град“, на македонските улици и булевари се активираше нов начин на сообраќајна контрола, базиран на стационарни радарско-видео камери со висока техничка прецизност. Иако во јавноста најчесто се зборува за казните, клучното прашање е – како функционира системот откако ќе се регистрира прекршок и што точно можат да „видат“ и измерaт овие камери.

Во моментот кога возилото ќе ја надмине дозволената брзина, ќе помине на црвено светло, ќе биде регистрирано со истечена регистрација или ќе запре на недозволено место, камерата автоматски го детектира настанот. Системот работи континуирано, 24 часа дневно, без оглед на временските услови, и не зависи од физичко присуство на полиција на терен.

Клучната карактеристика на овие уреди е тоа што тие не се обични надзорни камери, туку интегрирани мерни системи. Камерите користат радарска технологија за мерење на брзината, во комбинација со видео-анализа, со што се обезбедува висока точност и дополнителна потврда на прекршокот. Мерењето на брзината се врши на далечина од приближно 10 метри, па сè до над 200 метри, што значи дека прекршокот може да биде регистриран далеку пред возачот да ја забележи камерата.

Техничките спецификации овозможуваат истовремено следење на повеќе сообраќајни ленти. Во зависност од поставеноста, една камера може паралелно да контролира до четири ленти, во ист или во спротивен правец на движење. Во секоја од тие ленти, системот следи повеќе возила истовремено, без мешање на податоците, при што точно се утврдува во која лента се движело конкретното возило и со која брзина.

Камерите се опремени со инфрацрвено осветлување, што овозможува јасно снимање и ноќе, без заслепување на возачите. Системот чита регистарски таблички и при високи брзини, дури и над 200 километри на час, како и во услови на дожд, магла или намалена видливост. Дополнително, софтверот прави разлика меѓу типови возила – патнички, товарни, автобуси и мотоцикли – што е важно за делници со различни ограничувања.

По детекцијата, камерата автоматски генерира доказен пакет. Тој вклучува јасна фотографија од регистарската табличка, фотографија од возилото во поширок сообраќаен контекст, кратко видео од движењето на возилото, како и технички податоци – точен датум и време, локација, измерена брзина и дозволена брзина за таа сообраќајница. Сите податоци се дигитално заштитени и врзани за конкретниот уред, што ја исклучува можноста за накнадна измена. Дел од нив се доставуваат до сопственикот на возилото со казната. Другите се чуваат во случај на спор или докажување дали прекршокот е сторен или не.

Паралелно, системот автоматски ја чита табличката и ја споредува со базите на податоци, со што се утврдува сопственикот на возилото и статусот на регистрацијата. Во случаи кога се детектира прикриена, оштетена или нечитлива табличка, тоа се евидентира како посебен прекршок.

Врз основа на овие технички податоци, се подготвува прекршочен налог согласно законските одредби. Камерата не ја одредува висината на казната, туку таа е строго дефинирана со закон, при што се применуваат и законски дозволените толеранции, особено кај мерењето на брзината.

Системот „Безбеден град“, според институциите, има цел да воведе постојана и еднаква контрола за сите учесници во сообраќајот, без селективност и човечки фактор. Фокусот, како што се нагласува, не е исклучиво на казнување, туку на превенција, дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни несреќи, особено на критичните и фреквентни сообраќајни точки.

Поврзани вести