Skip to main content

В понеделник ќе биде донесена одлуката за изведувач на Универзална сала, вели Љутков

Одлуката за изведувач на Универзална сала ќе биде донесена в понеделник, но ќе мора да се почека да помине рокот за поднесување жалба, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Љутков вели дека едната од постапките веќе е завршена, а оти втората е во фаза на евалуација.

„Комисијата работи и процесот е веќе во завршна фаза“,рече министерот одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за претстојниот Саем за туризам што ќе се одржи викендов во Скопје.

Претходниот тендер што беше распишан за избор на изведувач пропадна, а министерот Љутков тогаш рече дека тоа е поради поплака од единствениот изведувач во процесот.

Љутков во ноември лани рече дека новиот тендер што ќе биде распишан ќе биде потребно помалку време отколку за претходниот.

Претходно очекувањата на министерот беа дека на почетокот на октомври ќе започнат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“.

Таа треба да биде готова до крајот на 2027 година, со што во 2028 година ќе биде подготвена за реализацијата на програмата за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.

Во Универзалната сала избувна пожар во април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.

Почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска, работите се стопираа за околу две години.

Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.

Поврзани вести