
Силна зимска олуја што зафати голем дел од Соединетите Американски Држави остави стотици илјади луѓе без електрична енергија, додека метеоролозите предупредуваат дека тешките зимски услови во текот на денот ќе се прошират и кон подрачјата на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Меѓу најпогодените сојузни држави се Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде околу 730.000 домаќинства останале без струја, според податоците на интернет-страницата PowerOutage.us. Според проценките, речиси 190 милиони луѓе, односно повеќе од половина од вкупното население на САД, се соочуваат со ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење, во рамки на една од најжестоките зимски бури во последните неколку години.
Метеоролозите најавуваат дека олујата за време на викендот ќе зафати подрачје долго околу 3.000 километри, од Ново Мексико на југозапад до Мејн на североистокот на земјата. Во недела се очекува нејзиното најсилно дејство во регионот на Њујорк, а во повеќе сојузни држави веќе е прогласена вонредна состојба.
Неповолните временски услови предизвикаа сериозен хаос во патничкиот сообраќај, при што се откажани илјадници летови. Локалните власти информираат дека обилните снежни врнежи довеле до затворање на бројни патишта и сериозни нарушувања во сообраќајот, состојба што може да потрае и неколку дена. Дополнителен проблем претставуваат слоевите мраз, кои создадоа исклучително опасни услови за патување во одредени области.

Македонски




