
Германскиот бригаден генерал Томас Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Командата на копнените сили на НАТО во Измир, Турција, за неделното издание на весникот „Велт ам Зонтаг“ изјави дека НАТО планира во следните две години да ја зајакне одбраната на европските граници со Русија, главно преку создавање „автоматизирана одбранбена зона“ опремена со системи што функционираат речиси без војници.
Планот за одбрана ќе вклучува одбранбена зона што непријателот мора да ја помине пред да напредува, еден вид „жешка зона“, изјави генералот Ловин.
Тој прецизира дека поточно, сензорите ќе детектираат непријателски сили и ќе активираат одбранбени системи, како што се вооружени беспилотни летала, делумно автономни борбени возила, беспилотни копнени роботи, како и автоматизирани системи за противвоздушна и противракетна одбрана.
Сепак, конечната одлука за употребата на ова оружје „секогаш ќе биде човечка одговорност“.
Ловин додаде дека сензорите, кои мора да покриваат зона од неколку илјади километри, ќе бидат лоцирани „на земја, во вселената, во киберпросторот или во воздухот“.
Тие ќе можат да собираат податоци за „непријателски движења или употреба на оружје“ со цел да ги информираат сите земји-членки на НАТО во реално време“, објасни тој.
Планот предвидува зајакнување на постојните залихи на оружје, одржување на стационираните единици на исто ниво како денес и конечно употреба на „cloud computing“ и вештачка интелигенција за управување со системот.
Првите елементи веќе се тестираат како дел од пилот-проекти во Полска и Романија, а целиот систем на НАТО треба да се имплементира доколку е можно до крајот на 2027 година, пренесе „Велт ам Зонтаг“.
Соочена со зголемување на упадите на неидентификувани беспилотни летала минатата есен во Полска, Германија, Романија, Данска и Белгија, Европската комисија ја изнесе идејата за воспоставување „ѕид против беспилотни летала“, чија рамка сè уште не е дефинирана.
ЕУ има намера да се потпре на искуството на Украина, која се соочува со ваков вид напад повеќе од три години.

Македонски




