
По направената селекција од пристигнатите апликации годинава на „Деновите на претстави од независна продукција“, ќе се играат претставите на четири независни продукции. Од 14 до 17 јануари на сцените „Ристо Стефановски“ и на Малата сцена ќе се играат претставите „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.
На 14 јануари во 20 часот ќе се игра претставата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје. Режисер е Војо Цветановски. Улогите се доверени на актерите Енџи Николовска и Бојан Лазаров.
Перформансот „СамоТи(И)Ја“ претставува кореодрама која обработува универзална, силна и длабоко емотивна тема – вечната човечка потрага по љубов и припадност. Концептот на перформансот се развива околу идејата дека љубовта може да дојде прерано, предоцна, да ја одминеме без да ја препознаеме или да помислиме дека никогаш нема да се појави, сѐ додека ненадејно не нѐ допре во најнеочекуваната и најубавата форма.
В петок, на 15 јануари, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Delirium tremens“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер на претставата е Игор Трпчески, автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски.
Во претставата „Delirium tremens“: „На самиот почеток, авторот го загатнува ‘театарот во театар’, така што јунакот ни го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и ни соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата, е во болница поради delirium tremens. Понатаму почнуваат да се преплетуваат ликовите за кои раскажува нашиот јунак… Претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.
В петок на 16 јануари се игра претставата „Кротка“ работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова, и актерот Сашко Орешков.
Монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга — млада, тивка и кротка девојка.
Деновите на претстави од независната продукција на 17 јануари ќе ги заокружи продукцијата „Златен Елец“ од Скопје со претставата „Сина сенка“. Режисер на претставата е Тамара Стојаноска. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.
В
Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
Од Драмски театар информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 14 до 17 јануари се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена. Сите претстави започнуваат во 20 часот. Билетите по цена од 500 денари може да се набават на www.karti.com.mk и на билетарницата на театарот.

Македонски




