Skip to main content

Почнува 51. издание на МОТ, посветен на женското авторство

„Овојпат таа кажува“ е мотото на 51. издание на МОТ – Млад отворен театар, кое од денеска до 24 ноември ќе се одржува во Скопје. Посветен на жената и женското авторство, МОТ годинава носи програма со фокус на женскиот творечки глас, перспективите и авторството во современиот театар.

Младинскиот културен центар (МКЦ), организатор на МОТ, најави богата програма со претстави режирани од жени, кои преку различни сценски јазици, естетики и авторски пристапи отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта, општествените ограничувања, положбата на жената и односот меѓу поединецот и современиот свет. На сцената ќе гостуваат театарски продукции од земјата и странство, обединувајќи разни генерации авторки и авторски пристапи.

Фестивалот вечер во МКЦ ќе почне со „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин, претстава најавена како театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата. Во клубот на МКЦ вечер ќе биде изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на Театар 071 | Перипетија во режија на Нина Николиќ – интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.

Утре во Театар Комедија ќе биде изведена „Кокошка“ на Театар Вортекс, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада, која преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.

-Меѓу регионалните гостувања се издвојуваат „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици; „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект што го истражува женското творештво и историското потиснување на женскиот глас; како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста. Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, информира МКЦ.

Во рамки на музичката програма на 51. МОТ, на 21 ноември во бифето на МКЦ ќе настапии Арбереше, уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија. Како што посочува МКЦ, нејзиниот музички израз претставува спој на традиционалната албанска музика и современиот звук, создавајќи автентично и возбудливо музичко доживување. Концертот е дел од програмата на Младинскиот културен центар во рамки на европската музичка платформа Liveurope, која ја поддржува циркулацијата на нови европски музички таленти и нивното претставување пред нова публика. Влезот за публиката е бесплатен.

На 22 ноември ќе биде изведена претставата „Свињи“ на Златен Елец во продукција на ЦК Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос, отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.

Во завршницата на фестивалот се и два танцови перформанси – „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со Локомотива; „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска; и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борец за човекови права Ана Политковскаја.

Билетите за претставите се во продажба онлајн на bileti.mkc.mk, како и на билетарницата на МКЦ по цена од 400 денари. Целосната програмата на фестивлот е достапна на веб-страницата www.mot.mk