
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Турција, Фатих Улусој.
На средбата биле потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Турција кои традиционалнo се пријателски и значајни за двата народи.
На средбата се разговарало за инвестиционата политика на Владата, со ставање фокус на планираните инфраструктурни проекти, а се отворило и прашањето за унапредување на соработката во делот на транспортниот сектор.
Вицепремиерот Николоски истакна дека Турција е значаен трговски партнер на Македонија, со потенцијал за зголемување на надворешно трговската размена и со значаен број на турски инвестиции во земјава. Во таа насока потенцираше дека Владата во континуитет работи на унапредување на условите за инвестирање во земјата.
Исто така на средбата се разговарало и за актуелните состојби меѓу двете земји, цврстите врски меѓу државите и добрата соработка.
Вицепремиерот Николоски изразил благодарност за досегашната подршка што ја овозможува Турција и ја нагласил потребата од интензивирање на меѓусебната соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.

Македонски






