Skip to main content

Мицкоски: Додека е оваа влада – мигрантска криза нема да има

Премиерот Христијан Мицкоски увери дека додека актуелната влада е на власт, во државата нема да има ниту нелегална, ниту легална миграција како резултат на пропаднати азилантски апликации или какви било договори. Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, тој порача дека јавноста треба да биде спокојна, нагласувајќи дека такви сценарија не постојат и дека тоа веќе е видливо на терен.

Мицкоски повторно ги отфрли тврдењата на опозицијата дека темата за мигранти била дел од разговорите за стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, оценувајќи ги како „апсолутна лага и конструкција“. Според него, станува збор за политичка кампања со цел да се дефокусира јавноста од внатрепартиските случувања во СДСМ, особено од изборот на новиот состав на нивниот Извршен одбор.

„Тоа е пи-ар трик и политичка гимнастика без сериозни позиции. Ова не е игра на краток рок, туку игра на уназадување“, рече Мицкоски, додавајќи дека и во март, април и јуни мигранти нема да има, а тогаш, како што посочи, ќе се постави прашањето со што ќе настапи опозицијата пред граѓаните.

Тој оцени дека на следните избори опозицијата би можела да има уште помал број пратеници.

Премиерот укажа и на празните пратенички клупи во делот каде што треба да седи опозицијата, потенцирајќи дека станува збор за ден наменет за пратенички прашања, кога опозицијата треба да ја контролира владата.

„Пратеници кои ги чинат граѓаните меѓу две и три илјади евра месечно – ги нема“, истакна тој, оценувајќи дека тоа е реалната слика на македонската опозиција денес.

Во однос на можноста за предвремени избори, Мицкоски нагласи дека напролет избори нема да има, и покрај, како што рече, стравот на СДСМ од такво сценарио. Според него, следната година е полна со предизвици кои Владата треба одговорно да ги решава.

На темата мигранти, премиерот ја поздрави и Резолуцијата усвоена во Собранието, со која, како што посочи, се става крај на „измислената тема“. Тој додаде дека резолуцијата ги потврдува владините политики, кои, според него, добиле поддршка и од граѓаните на неодамнешните локални избори.

„Оваа влада има историски најголема доверба и обврска да ги штити интересите на граѓаните. Затоа мора да се однесуваме одговорно, без разлика на неодговорната опозиција“, порача Мицкоски.

Премиерот се осврна и на претставката што СДСМ ја поднесе до Уставниот суд за усвоената Резолуција, оценувајќи ја како „чудна“ и невидена пракса, бидејќи не станува збор за закон или подзаконски акт, туку за резолуција.

„Дебатата треба да се води во Парламентот, пред граѓаните. Но местата на опозицијата се празни“, истакна Мицкоски, повторно укажувајќи на отсуството на опозициските пратеници од седницата за пратенички прашања.

Поврзани вести