Skip to main content

Специјализирани тестирања на македонските олимпијци кандидати за ЛОИ 2028 во Лос Анџелес

Македонски олимписки комитет

Во Олимписката лабораторија за врвни спортски перформанси на Македонскиот олимписки комитет деновиве беа спроведени специјализирани тестирања на олимписките стипендисти Дејан Георгиевски, Милијана Рељиќ, Душица Бреслиева, Дарио Ивановски, Ангел Петрушев и Анастасија Мојсовска кои се најсериозни македонски кандидати за учество на Олимписките игри Лос Анџелес 2028. Дополнително, во наредниот период ќе бидат тестирани Никола Ѓуретановиќ, Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров.

фото: МОК

Тестирањата опфаќаат мерења на основните моторички способности, морфолошко антропометриските карактеристики и физиолошки капацитети на најдобрите македонски спортисти во поединечните олимписки спортови. Во рамките на процесот се оценуваа експлозивната сила, брзината, рамнотежата, издржливоста и кардиореспираторните параметри преку современи тестови (скокови, спринт, лактатен праг и кардиопулмонарни мерења), како и изокинетичка анализа на мускулната сила и можните дисбаланси.

фото: МОК

Целта на овие мерења е да се добие аналитички прецизен профил за моменталните перформанси и спортска форма за секој спортист и во соработка со нивните лични тренери и стручните тимови, да се изработат индивидуализирани тренажни програми како и план за следење на нивниот напредок до ОИ Лос Анџелес 2028.

фото: МОК

Поврзани вести