Skip to main content

Новогодишен концерт на „Астибо Биг бенд“ вечерва во ЦК „Ацо Шопов“: Штип со децении е извор на најдобрите музичари, заслужуваме ова да прерасне во институција, вели еден од основачите на оркестарот

Штипјани вечер имаат можност да уживаат во Новогодишниот концерт на „Астибо Биг-бенд“. Дваесетина музичари на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе ги изведат најпознатите џез песни и композиции.

Горан Кавраков кој е еден од основачите на овој оркестар вели една година од формирањето на Здружението на музичари и џез оркастерот Астибо биг бенд во Штип ќе го има третиот концерт во Домот на култура „Ацо Шопов“ , со што ја  заокржуваат оваа 2025 година.

-Почетната цел за формирањето на овој оркестар е да се подигне џез културата во нашиот град, имајки предвид дека имаме и Средно музичко училиште и Музичка академија, знаеме дека Штип со децении е извор на едни од најдобрите музичари, дел останаа се уште во државава, затоа и како град заслужуваме ова да прерасне во институција која ќе функционира редовно, со вработувања и редовни концерти за нашите сограѓани. Вклучени се професори од средното и факултетот, ученици…и поради дефицит на инструментот тромбон кај нас, на наше огромно задоволство имаме помош од другари од Скопје вработени во Националната опера и балет, вели Кавраков.

Тој за МИА вели дека оваа година се работи со многу љубов од страна на сите членови, без профитабилни очекувања, само желба и мотив да успеат.

-Искрено, огромни се трошоците за секој концерт, помош немаме од надлежните институции, потпрени сме на дел од приватниот сектор, наши другари, кои исто така се ретки. Јасно ни е дека ова е нешто ново за публиката. Меѓутоа да се потсетеме дека првиот биг – бенд оркестар во земјава е формиран токму во Штип пред околу шест децении во склоп на КУД „Македонка“, вели Кавраков.

Музичарите и солистите велат дека Програмата за овој концерт е прилагодена за секој гостин, една преубава Новогодишна џез приказна несекојдневна, но квалитетна.

-Благодарност до сите кои не поддржуваат овој период, ние нема да застанеме оовде, ја подготвуваме програмата за 2026 година, и веруваме дека како општество ќе созрееме оваа цел да биде реализирана. Покана до сите оние кои се двоумат да не посетат, слободно да дојдат на концертот, да ја почуствуваат енергијата која несебично ја дели овој џез оркестар, додаде Кавраков.

Во „Астибо Биг бенд“ оркестарот со многу љубов и ентузијазам работат: диригент Владимир Ботев, секција саксофони: Славица Деспотова, Алексеј Митревски, Славе Наков, Никола Темелков, Горан Кавраков, флејти: Елена Мирасчиева, Биљана Биљарска, секција Труби: Трајан Митев, Кире Бреслиев, Томе Стојановски, Димитар Станоев, тромбони: Владан Дробицки,Љупче Арсов и уште двајца трмбонисти од Националната опера и балет.

Диригентот, Владимир Ботев во разговор за МИА вели Штип бил и останал до сега единствениот град каде што има локален џез оркестар, односно биг – бенд со џез инструментација.

-Таа идеја во 60 – тите години како што ми е познато во рамките на Текстилниот комбинат „Македонка“ е активирана. Но, многу рано е да речам заклучена таа етапа и сега шеесетина години подоцна со Горан Кавраков мој многу драг пријател и со останатите основачи штипјани, (јас сум увезен од Скопје), а тука дипломирав џез гитара во класата на професорот Тони Китановски, да се возобнови и таа стара идеја, но и да се освежи и со репертоар и со Програма, се надеваме дека догодина ќе имаме тематски концерти и во кратки црти основната база, основниот факт е да функционира врз база на добра воља, вели Ботев.

Потенцира дека  многу стотици часови се вложени од негова страна во подготовка на нотацискиот материјал, за преадаптација на аранжамни.

– Ние сме можеби единствениот биг бенд во светот којшто имаме две флејти како постојани членови. Инаку во инструментацијата на биг-бендот има пет саксафони и двајца или повеќе по потреба на аранжманот менуваат на флејта, а ние имаме две колешки од средното музичко училиште, кои свираат флејта. Имаме седум музичари во првата линија, наместо пет и ете имаме заедно со Виолета Арсовска вокален солист и уште ученичката Теа како гостинка. Вкупно четири дами или членки во оркестарот, а за споредба со Националниот џез оркестар во Скопје има само мажи. Јас сум вработен во сосема друга струка, иако сум дипломиран музичар. Но се договоривме сето слободно време да го искористеме за да го подигнеме овој бенд. Најнапред со желба да се збогати културната понуда во Штип и регионално, пошироко, а се надеваме дека ќе свириме и интернационално со оригинална Програма веќе наредната година, вели Ботев.

Иако Штип е базата на „Астибо Биг бенд“ , но добар дел не се штипјани, како што вели диригентот Ботев  на пример имаат ученици од средното музичко училиште, кои свират труба и се од Кавадарци, тенор-саксафон свири средношколец од Прилеп, кој е трета година.

– И Славе од Струмица, кој заврши средно и нема никаква обврска овде и сега е на факултет во Скопје, доаѓа заедно со мене со истите желби и со истата емоција е подготвен на проби. Еве и јас исто така не сум од Штип. Тромбонисти доаѓаат од Националната опера и балет на помош, бидејќи недостига тој кадар, а меѓу нив единствено Љупче е штипјанец, додаде Ботев.

Тие се надеваат дека ќе настапат и регионално, односно во некои од околните држави, каде ќе се претстават во оригинално светло. Посочуваат дека им е потребна финансиска помош, за да можат да опстојат како биг-бенд, бидејќи во моментов пробите и организацијата на концертите самостојно ги финансираат или со помош на пријатели од приватниот сектор. Ботев вели дека поддршка им е потребна, имаат конкурирано за поддршка од Министерството за култура, но доколку некој сака да види што тие работат слободно може да дојде, да види и да слушне за нивните планови за настапи не само во земјата, туку и во странство.

Виолета Арсовска оперска певица, која на  македонската јавноста и е позната по своите настапи, вели дека да се биде дел од „Астибо Биг бенд“ оркестарот и е предизвик, а формирањето, како што вели, се случи многу спонтано и многу убаво.

-Имаше многу убава енергија уште на пробите од целата екипа, моите колеги и сето тоа вроди голем плод. Успешно се претставивме уште на првиот наш настап. Публиката секако не награди со големи аплаузи и еве сега повторно се надеваме на успех на прекрасен концерт за којшто се надевам дека долго ќе се зборува и ќе го повториме и во иднина, вели Арсовска.

Таа додава дека многу од граѓаните на Штип не се запознаени со џез културата, бидејќи како што вели сметаат дека тоа е некоја тешка форма на музика.

-Ние се фокусираме материјалот да е полесен и поедноставен за слушање и се држиме за популарните класици во џезот. Френк Синатра сите го знаеме, дел од песните јас ќе ги изведувам. Јас се надевам на поголема поддршка и во иднина од нашиот град, од нашите штипјани се надевам дека помасовно ќе доаѓаат на нашите концерти. Тоа би било од многу големо значење за нас, затоа што ние почнавме буквално од нула, од идеја, од љубов кон музиката и имаме прекрасна визија за во иднина. Но, сме оставени сами во целиот тој процес, вели Арсовска.

Посочува дека билетите за Новогодишниот концерт се со симболична цена, за да можат да ги покријат основните трошоци за организирање на концертот од плаќање на сали, озвучување и како членови на оркестарот. Се надева дека Астибо биг-бенд ќе биде препознаен од страна на публиката низ нашата држава, како што е Камерниот оркестар во Битола, кој, посочува таа, веќе ги полни салите низ државата.

Новогодишниот концерт на „Астибо Биг бенд“ е вечер во 19.30 на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, а публиката ќе ужива во програма која вклучува познати џез мелодии како: Fly me to the moon; Bad,bad Leroy Brown; Blue Bossa; Santa Claus; Hide park 2am; The Chicken; New  York,New York; The way you ĺook Tonight; Mosaic;Baby,it’s cold outside.