
Новиот премиер на Чешка, Андреј Бабиш денеска, по првиот состанок со ново именуваната Влада, нагласи дека тој е за Европска Унија, но оти ЕУ не решава некои проблеми, меѓу кои и проширувањето на шенген зоната со земјите од Западен Балкан.
Не разбирам зошто ЕУ одамна не го реши проширувањето на шенген зоната со земјите од Западен Балкан, за да ја бранат нашата Европа на море од шверцерите, кои ги злоупотребуваат луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите – посочи Бабиш.
Тој најави дека итните европски прашања на дневен ред ќе бидат утре, на првата работна седница на новата чешка Влада.
Ќе ги отфрлиме новите дозволи за емисија на гасови ETС2, затоа што станува збор за нов зелен данок, ќе го отфрлиме миграцискиот пакт, посочи Бабиш
Тој додаде дека ќе учествува на претстојниот Самит на ЕУ, како и на состанокот на земјите кои ги отфрлаат новите европски миграциски решенија организиран од Данска. Бабиш в среда најави дека ќе учествува на состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Бабиш потенцира дека тој и неговата партија АНО отсекогаш се бореле за интересите на Европа, но дека Унијата сега ја губи конкурентноста и не решава проблеми како што се изворите на енергија, даночната евазија или царинските манипулации.
Тој најави и оти Чешка ќе продолжи со хуманитарната помош за Украина, но не наведе дали ќе го прифати предлогот за користење на замрзнати руски средства за помош на Киев.

Македонски






