
Свечено и во присуство на претставници од книжевниот свет, читатели и медиуми, вчеравечер (9 декември), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше доделена наградата „Пегаз“ за 2025 година на писателката Фросина Пармаковска за романот „Кривата Дијана“.
Кон наградата и победничкиот роман се осврнаа Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.
Ракописот „Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е книга на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас кој премолчел, потклекнал и превидел кога требало да се испречи пред туѓите човекови слабости. Инспирација за делото се реални трагични случувања во нашата држава изминатите години.
Во сите мои романи досега е присутна нашата реалност, но во ’Кривата Дијана‘ најдиректно се занимавам со вистинските случувања околу нас. Во ова дело судбините на ликовите целосно зависат од реалноста – таа е присутна во нивните трауми. Всушност, траумата (општествена и индивидуална) е главната тема на романот, а се занимавам и со прашањата за загубата и повторувањето на истите болни ситуации. Инспирацијата ја црпев од нашето секојдневие. Толку е болно и толку е реално што, ако сум искрена, кога би можела, никогаш не би го напишала овој роман – ако немаше потреба да биде напишан и ако постоеше можност сето тоа да не се случи. Но, она што се случува во нашата земја последниве години многу ми влијаеше. Нема подобар материјал од она што го живееме. Можеби истражував и помалку отколку за другите романи, затоа што овој го зедов директно од изворот – нема посоодветен човек да ја опише колективната болка и траума од оној што реално ја живее и ја гледа секој ден, со години и со децении. Грешка, несреќа, трагедија, траума, вина – тука е суштината на романот“, рече Пармаковска.
Во книгата, авторката ги поставува прашањата што сите ние честопати си ги поставуваме: Зошто ни се случува ова? Зошто нам? Зошто токму сега? Зошто повторно?
Но, ова е и роман за простувањето – за учењето да се излезе од магичниот круг. Секогаш сакам да има надеж во моите романи. Без верба дека ќе биде подобро, што би бил животот? Дијана се соочила со траума многу млада, живеела со очај и гнев, но научила да прости. Таа го избира тоа. Научила да живее со она што животот го донел, а вербата и надежта ја водат кон надминување на болката. Поуката е дека мора да научиме да ги прекинеме циклусите на грешки и трауми. Затоа романот го завршувам со доза надеж дека навистина може да стане подобро“, откри таа на крајот.
На седмиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман во 2025 година, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во кое, покрај Додовски и Бендевска, членуваше и професорката Соња Стојменска-Елзесер. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
Во меѓувреме, отворен е и осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2026 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори на електронската пошта [email protected], како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2026 година.

Македонски







