Skip to main content

Изложба „Димитар Кондовски и македонските бајки“ во Музејот на Македонија на 25 декември

„Димитар Кондовски и македонските бајки“ е насловот на изложбата која ќе биде отворена на 25 декември во 19 часот во Музејот на Македонија.

Денес, кога детската имагинација е преплавена со виртуелни слики, илустрациите на Кондовски се доживуваат како вечен калеидоскоп на бои и значења. Со овој проект –„ Димитар Кондовски и Македонските бајки “ – ние зачекоруваме во свет каде уметноста не е само украс, туку духовен водич. Тоа е свет во кој детето учи да сонува, а возрасниот повторно ја буди заспаната убавица во себе, велат од Музејот на Македонија.

Димитар Кондовски (1927–1993) е еден од клучните автори во современото македонско сликарство: сликар, илустратор, сценограф и професор, со опус што маестрално ја вкрстува модерната стилизација со средновековно-византиската традиција, орнамент и симбол. Во својата уметничка продукција за детска и младинска литература, Кондовски вградил огромно илустраторско искуство, зад кое биле отпечатени импозантен број на илустрирани детски книги. Сепак, исклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982-1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни.

Резултатот од ова ликовно патешествие на Кондовски се седум бајки со 82 цртежа.

Издвојувајки ги од огромниот опус на илустрации кои Кондовски ги изработил за најразлични книги, најчесто детски лектирни изданија, детски ТВ емисии, или сценографски решенија за детски претстави, оваа збирка илустрации сама за себе отсликува еден одделен униврзум, обоен со пребогат колорит отсликан од македонското сонце, врз шаренилото на декорациите од богатиот етнолошки трезор, збогатени со волшебствата и вонземските суштества пресликани од богатата народна имагинација и секако мајсторски „зачинети“со карактеристични обележја на секоја култура во која се развива приказната со бајковитите јунаци.

И како што Блаже Конески во предговорот за овие илустрации ќе каже: „Тој дошол на ингениозна идеја-она што е во нашата бајка простор и што и припаѓа на визуелната свера-да го постеле. А се знае како се постила кај нас просторот-со килими, со ирамчиња, со тантели по прозорците…Јас сум пиел вода од кладенче наведнат по коленици. Јас не знам дали уште еднаш во животот ќе имам таква шанса. Но ако се случи да ја имам, јас во бистрата вода ќе гледам шарки од нашето ирамче, како што гледа Марко и неговиот Шарец со очите на Димитар Кондовски. И со тоа пиењето на бистра вода ќе ми биде послатко.“

Поврзани вести