
Во ноември 2025, хрватската влада донесе одлука да ја воведе новата програма „Културна картичка“ (Culture Card), со која сите млади луѓе кои на почетокот на 2026 година ќе наполнат 18 години, добиваат ваучер од 100 евра.
Средствата од ваучерот можат да се искористат за разни културни содржини: купување книги, претплати на весници, ноќни или дневни излегувања, билети за кино, театар, концерти, музеи, изложби, класична, џез или друга музичка и уметничка програма.
Министерството за култура на Хрватска наведува дека целта на мерката е да ја зголеми достапноста на култура до младите, да поттикне интерес за уметност и музика, и да помогне во создавање на долгорочни културни навики.
За користење на ваучерот е предвиден дигитален систем со електронска картичка и автоматско известување кога младите ќе наполнат 18 години, со што процесот ќе биде едноставен и лесно достапен.
За многу млади, цените на концертите, театарите, кино‑продукциите или книгите можат да бидат пречка, а ваучерот ги прави културните настани по‑достапни.
Преку ваучерот, државата поттикнува континуирана културна потрошувачка уште од првиот ден на полнолетство, што може да создаде навика да се посетуваат концерти, изложби, фестивали и сл.
Младите ќе имаат шанса да истражат различни форми на уметност (музика, литература, театар, филм), да се запознаат со современи или класични артисти, и да креираат свој културен вкус што влијае на нивното воспитување и општествена свест.
Од аспект на културните институции ваучерите можат да доведат до зголемена посетеност и поддршка на културната сцена.
Во земја како нашата, каде младите честопати немаат финансиска можност редовно да посетуваат концерти, филмови, театар или изложби слична мерка би била огромен поттик. Таа би ја зголемила достапноста на култура за младите, без оглед на нивниот социјален или финансиски статус. Би поттикнала поактивна учество во културниот живот, повеќе концерти, повеќе млади на сцена, повеќе интерес за книги, музика, уметност, и можеби на овој начин ќе се роди генерација што ќе ја гради својата иднина со љубов кон културата и уметноста.

Македонски






