
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчеравечер беше домаќин на „Македонската вечер“, организирана во рамките на 56. Меѓународен саем за туризам во Нови Сад, каде што Македонија годинава беше земја партнер.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Љутков истакна дека туризмот е мост што ги поврзува луѓето и културите, што создава пријателства, руши бариери и нѐ потсетува дека убавината на светот е најголема тогаш кога се споделува.

Вистинска чест е што вечерва сме заедно на оваа македонска вечер, исполнета со автентични вкусови, звуци и бои кои ја раскажуваат приказната за една мала, но извонредно богата земја. Македонија е мозаик од култури, религии и приказни, место каде што античките локалитети и отоманските споменици се надополнуваат со современиот пулс на градовите. И токму затоа, вечерва со гордост ви нудиме дел од тоа богатство – храна подготвена со трпение, музика полна со ритам и душа, фолклор кој е слика на нашата вековна идентичност“, рече Љутков.
Тој изрази благодарност до организаторите на 56. Меѓународен саем за туризам, туристичката организација на градот Нови Сад, како и до партнерите и соработниците кои овозможија Македонија годинава да биде земја партнер на овој престижен настан. Министерот Љутков упати искрена покана до сите да ја посетат нашата држава.
Дојдете да ги почувствувате мирот на езерата, свежината на планините, енергијата на градовите и топлината на нашиот народ. Дојдете да ја вкусите нашата гастрономија, да го доживеете нашиот фолклор, да прошетате низ места каде што историјата и природата живеат како едно. Уверен сум дека една посета ќе биде доволна за да сакате да се вратите повторно, затоа што Македонија не е само дестинација, туку доживување“, рече Љутков.
Македонската вечер беше збогатена со традиционална музика и фолклор преку настапот на пејачката група и оркестарот на амбасадорот на македонската култура, „Танец“.

Инаку, претходно на министерот за култура и туризам Зоран Љутков му беше врачен пехар како признание за значајната соработка и партнерството со саемот.
Со успешното претставување во Нови Сад, Македонија уште еднаш ја потврди својата определба за градење силна, препознатлива и одржлива туристичка промоција на меѓународната сцена.

Македонски








