
Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје го објави „Островски: 200 години“, ново издание кое е реализирано во годината на 200-годишниот јубилеј од раѓањето на големиот драматург Александар Николаевич Островски, еден од најзначајните светски драмски автори и централна фигура во создавањето и во севкупната историја на рускиот национален театар.
Изданието, кое ја овенчува своевидната лабораторија за книжевен превод востановена во рамките на Катедрата за славистика, е резултат на истражувачки труд, посветеност и академска љубопитност — на студентите и на нивните ментори. Изданието е слободно и бесплатно достапно преку официјалната веб-страница на Филолошкиот факултет во делот „Издавачка дејност“. Како автори на преводите и истражувачи учествуваа студентите: Јован Ковачевски, Фросина Милковска, Бранко Ставровски и Ана Тодорова.
Проектот кој ги произведе овие две изданија е раководен од Андреј Јованчевски и проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, и започнат пред четири години по нивна заедничка иницијатива со д-р Наталија Лапаева Ристеска. Неговата реализација беше помогната со вклученоста на повеќето наставници и соработници на катедрата, а негови главни носители, заради кои самата лабораторија постои, се студентите на студиската насока Руски јазик и книжевност. Особено ни е драго што двете книги се објавени и во печатена форма, благодарение на поддршката што ја добивме и која ни овозможи нашиот труд да се материјализира и во оваа сè уште важна, традиционална форма. Благодарност до Амбасадата на Руската Федерација во Скопје за поддршката на печатењето на изданието „Проект Островски: 200 години“.
Катедрата за славистика продолжува да работи во започнатата насока и веќе подготвува ново продолжение на проектот, кое треба да резултира со трето издание, посветено на 200-годишнината од раѓањето на големиот фолклорист Александар Никоалевич Афанасјев. Со него намеруваме во истиот дух да го обележиме овој значаен културен и книжевен јубилеј во 2026 година.
Животот на Островски го зафаќа она историско време кога во вистинска смисла се формира руската театарска школа и се етаблира националниот репертоар. Од педесеттите до осумдесеттите години на XIX век Островски завршува 48 пиеси и повеќе од 700 драмски ликови, преведува дваесетина драмски класици од други европски јазици и остава многу незавршени ракописи и преводи. Во неговото време и под негово влијание сериозно се развива режијата и актерската подготовка, се воспоставува систем на повеќекратни драмски читања и генерални проби, театарот добива значајно општествено внимание и станува структуриран процес. Овој процес понатаму води до настанувањето на низа школи и методи, автори и режисери, чии принципи и дела до денес се земаат како елементарни одредници во драмските академии низ целиот свет. […] Проектот „Островски: 200 години“ ја продолжува студентската преведувачка работилница започната со претходниот проект со истоветен карактер, „Достоевски: 200 години“, кој беше остварен во 2021 година. Оваа сериска работилница ги обединува силите на повеќемина наставници и соработници на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, и ги става во функција знаењата стекнати преку предметите што се изучуваат: наставата по историја на руската книжевност добива продлабочена смисла преку блиското читање на избраните текстови, лекторските часови по руски јазик и предметите Практика на превод и Контрастивна анализа добиваат практичен предизвик преку преведувачката задача, а корпусот граматички предмети наоѓа примена врз реален јазичен материјал, со што книжевниот превод прераснува во вистинска филолошка лабораторија за студентите. […] Издавањето на оваа книга ја збогатува библиотеката на сопствени изданија на катедрата и ја зајакнува перспективата за продолжување на преведувачката работилница, која во иднина ќе им посвети внимание на други важни книжевни јубилеи и ќе им даде можност за практична преведувачка работа на нови генерации студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје пишува во предговорот уредникот Андреј Јованчевски.

Македонски








