
Од печат излезе најновата, четврта збирка кратки раскази од Живко Грозданоски: прозаист, преведувач, поет и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Книгата, која носи индикативен наслов „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ содржи 26 кратки автобиографски раскази, поместени во пет циклуси. „Автобиографските записи се мошне малку распространети во нашата литература, зашто, соочувањето со себеси е, веројатно, најтешкиот облик на писмо. Оттаму, обидот на Грозданоски отворено и „без пардон“ да проговори за своите лични размисли и предизвици е редок феномен, значаен за збогатување на разноликоста на книжевноста на нашето поднебје“, забележува, помеѓу другото, рецензентката Лидија Капушевска-Дракулевска во поговорот на изданието.
По малиот тријазичен (на македонски, грчки и англиски) тематски избор на песни и кратки раскази од тринаесет македонски автори „Да сум на твое место“ (2020) и по збирката песни „Малага (возови од мастило)“ и изборот текстови „Булевар Ослободување бр. 10 (2014-2024)“ со кои се одбележаа десет години од основањето на „Булевар Ослободување“, „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ е четврт објавен наслов под логото на „Булевар Ослободување“, чиј уредник е Живко Грозданоски.

Македонски








