Skip to main content

Додик ја прослави победата со песна: „Само тако, само тако…“

Лидерот на СНСД, Милорад Додик, ја прослави победата на партискиот кандидат Синиша Каран на предвремените избори за претседател на Република Српска. Во својот препознатлив стил, Додик ја испеа “Само тако, само тако…“.

Прославата во СНСД траеше до доцна во ноќта, а улиците на Бања Лука одекнуваа со сирени од славенички колони возила, објави Аваз.

Претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина, Јован Калаба, доцна синоќа ги објави прелиминарните и нецелосни резултати. Според податоците од обработените 92 проценти од гласачките места, кандидатот на СНСД Синиша Каран освои 200.116 гласови, или 50,89 проценти.

Неговиот главен противник, Бранко Блануша од СДС, ја доби довербата на 188.010 гласачи, или 47,81 процент од гласовите.

Изборниот штаб на СНСД, предводен од Милорад Додик, прогласи победа дури и пред официјалните резултати. Од друга страна, СДС соопшти дека не го признава исходот од изборите. Вршителот на должноста претседател на СДС, Јовица Радуловиќ, изјави дека партијата не ја признава победата на Синиша Каран како претседател на Република Српска.

Централната изборна комисија соопшти дека ќе објави нови податоци подоцна денеска.

Поврзани вести