Американскиот претседател Доналд Трамп во радио интервју изјави дека верува оти четврток е „прифатлив“ рок за Украина да одговори на предложениот мировен план на Вашингтон, објавија агенциите.
-Поставив многу рокови, но кога работите ќе одат добро, роковите можат да се продолжат. Но, ние мислиме дека четврток е добар рок, рече американскиот претседател на радио „Фокс њуз“.
Мировен план од 28 точки му беше презентиран на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Претходно денеска, тој рече дека планот ја става Украина „во многу тешка позиција – или да го изгуби своето достоинство или да ризикува да изгуби клучен партнер“, осврнувајќи се на Соединетите Американски Држави.
Трамп рече дека очекува „силните“ санкции да го имаат посакуваниот ефект врз Русија.
„Целата нивна економија се базира на нафта“, рече тој, додавајќи дека нема да ги укине санкциите пред да се спроведе планот.
Трамп, исто така, рече дека ако борбите продолжат, Украина брзо ќе ги изгуби териториите што планот предвидува да ги отстапи на Русија во секој случај.
-Тие беа многу храбри, рече Трамп за украинските војници.
Рускиот претседател Владимир Путин „не сака уште една војна“, увери американскиот шеф на државата кога беше прашан дали, по Украина, Русија нема да нападне која било друга земја во регионот.
Трамп рече дека Путин ја претрпел својата „казна“ со времетраењето на конфликтот, кој се влечеше многу подолго од очекуваното во февруари 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го отфрли планот, велејќи дека нема да ги предаде интересите на својата земја. Во исто време, Зеленски рече дека ќе му даде други предлози на Вашингтон.
Зеленски рече дека Киев ќе соработува тесно со Вашингтон за да бара решенија и да истражува алтернативи.
Белата куќа соопшти дека разговара и со Киев и со Москва.