
Мировното образование е важно затоа што гради разумни и толерантни личности, кои знаат да почитуваат и кои конфликтите ги решаваат вербално, по ненасилен пат и тоа е исклучително важно за да може општеството да напредува. Ова денес го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска Конференцијата за мировно образование во Скопје, што четврта година по ред ја организира Првата детска амбасада – Меѓаши.
Меѓаши многу помага да се реализира мировното образование преку спроведување на посебна програма и воннаставна активност, за која имаме склучено меморандум за соработка. Помага со обуки на наставници и со вклучување на деца во рамки на истата. Денес имаме средба со поголем број наставници и клучната тема е токму мировното образование, па преку размена на искуства ќе се обидеме да дојдеме до нови идеи и заклучоци за тоа како да го унапредиме истото во иднина“, рече Јаневска.
Министерката рече дека таа ќе се залага за обезбедување континуитет на мировното образование и дека постојано треба да се истакнува неговото знаење, затоа што придонесува во градење млади генерации со вистински вредности.
Македонија е мала земја и можеби не може да влијае на надминување глобални конфликти помеѓу многу посилни држави, но можеме да влијаеме на зачувување на мирот во своите граници. Тоа е основа за напредок во сите сфери“, додаде министерката.
Мировното образование во Македонија се спроведува од 2011 година, како проектна активност со која се опфатени над 70 училишта, а повеќе од 300 наставници се обучени да ги предаваат наставните модули што на предлог на Меѓаши се одобрени од Бирото за развој на образованието.

Македонски








