
Истрагата за пожарот и работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, влегува во нова фаза. Со проширената акција на МВР се опфаени уште 11 лица – службеници, вработени и раководни кадри од Управата за јавни приходи и од Државниот пазарен инспекторат.
Дел од овие лица веќе се лишени од слобода, а за сите се поднесени кривични пријави за низа сериозни кривични дела. Меѓу нив се злоупотреба на службена положба и овластување, примање поткуп, фалсификување службени исправи, како и постапување спротивно на прописите за безбедност во објекти од ваков тип.
Според информациите, 11-те новоосомничени се товарат за различни форми на незаконско постапување кое индиректно придонело за дозволување, одобрување или толерирање на работењето на дискотеката „Пулс“, и покрај очигледните безбедносни и правни пропусти.
МВР најавува дека акцијата продолжува, а јавноста ќе биде дополнително информирана по завршувањето на сите оперативни активности.

Македонски








