
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, во гостување во централниот Дневник на Сител, во рамки на „Тема на денот“, зборуваше за подготовките за претстојниот редовен партиски Конгрес, како и за резултатите од локалните избори.
Сајкоски истакна дека подготовките за 18. Конгрес започнале уште во јули, согласно статутарните акти на партијата.
„На Конгресот ќе присуствуваат над 800 делегати и околу 1.800 гости. Ќе донесеме стратешки документи кои ќе ја определат идната траекторија на партијата. Овој Конгрес треба да биде подготовка за посилно структуирање, зајакнување на кадрите, влез на нови луѓе и реализација на очекувањата – локалната победа да прерасне во уште поголема на парламентарните избори во 2028 година“, рече Сајкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ постигнало историски резултати на локалните избори.
„Анализата покажува дека ова се најголемите резултати досега. Граѓаните ни дадоа силна доверба. Освоивме општини кои две децении биле под СДСМ – Струмица, Карпош, но и Крушево, Валандово, Дојран… Го добивме и Кичево, што претставува голем исчекор, бидејќи нашиот кандидат доби поддршка од сите заедници“, истакна тој.
Сајкоски нагласи дека огромниот број освоени општини е сериозна порака за партијата:
„Тоа значи дека мора многу да испорачаме на секое ниво. Како водечки политички субјект имаме обврска да ја оправдаме довербата на граѓаните“, заклучи тој.

Македонски








