
Истражителите од Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) извршија серија претреси во домовите на актуелниот министер за правда, Херман Халушченко, и бизнисменот Тимур Миндич – поранешен деловен партнер на претседателот Володимир Зеленски и ко-сопственик на продуцентската куќа „Квартал 95“. Двајцата се меѓу лицата опфатени со голема антикорупциска операција, пренесуваат украинските медиуми.
„НАБУ и Специјалното антикорупциско обвинителство ја спроведуваат ‘Операцијата Мидас’ – 15 месеци работа, повеќе од 70 претреси, во кои се вклучени сите истражители на агенцијата“, изјави Олександр Абакумов, раководител на Главната истражна единица на НАБУ, пренесе Киев Пост. Според него, операцијата разоткрила високо позиционирана криминална структура која делувала во енергетскиот и одбранбениот сектор, а истрагата опфаќа случаи на корупција, перење пари и незаконско богатење.
НАБУ објави и аудио-извадоци од разговори на осомничените во различни периоди, каде се дискутира распределбата на средства. Претресите, според „Украинска правда“ и „РБЦ Украина“, се спроведени врз основа на дојави од анонимни извори, а дел од проверките се поврзуваат со поширока истрага за корупција во енергетскиот сектор.
Претрес бил извршен и во живеалиштето на Миндич во Киев, за кој се верува дека ја напуштил Украина непосредно пред акцијата. Украинските медиуми уште во јули 2025 година објавија дека тој престојува во Австрија, додека „Украинска правда“ информираше дека Миндич ја напуштил земјата неколку часа пред упадот на НАБУ.
Пратеникот во Врховната Рада, Јарослав Железњак, потврди дека претреси имало и во домот на Халушченко, како и во канцелариите на „Енергоатом“ – државната компанија што ги управува нуклеарните електрани во Украина.
Халушченко има долга кариера во државниот сектор, со претходни ангажмани во Државното обвинителство, МНР и претседателската администрација. Во „Енергоатом“ работел од 2013 до 2014 година како извршен директор за правна поддршка, а од 2020 до 2021 година бил потпретседател на компанијата. Во април 2021 година беше назначен за министер за енергетика, а во јули годинава ја презеде функцијата министер за правда во новоформираната влада на Јулија Свириденко.
Истрагата продолжува, а украинската јавност внимателно ја следи една од најголемите антикорупциски операции во последните години.

Македонски








