
Европскиот суд на правдата (ЕСЈ) денеска оцени дека Европската Унија ги надминала своите овластувања при утврдувањето правила за минимални плати, по што поништи две одредби од директивата за минимална плата, јави ДПА.
Високиот суд во Луксембург ги поништи одредбите кои го утврдуваа критериумот за одредување и ажурирање на платите, како и онаа што спречува намалување на платите кога тие се предмет на автоматска индексација.
Данска ја оспори директивата, усвоена во 2022 година со мнозинство од земјите членки, а Судот сега делумно пресуди во нејзина корист.
Судиите оценија дека утврдувањето конкретни критериуми за нивоата на минимални плати претставува директно мешање во процесот на утврдување плати, кој, според европските договори, останува надлежност на државите членки.
Истото образложение важи и за одредбата која блокира намалување на платите под автоматска индексација – систем што најчесто е врзан со инфлацијата.
Останатите делови од директивата остануваат во сила, вклучително и обврските државите да ги поттикнуваат работниците на колективно договарање за условите за работа и плата.
ЕСЈ оцени дека ова не претставува директно нарушување на правото на слобода на здружување, бидејќи државите не се обврзани да ги присилуваат работниците да се зачленуваат во синдикати.

Македонски








