
Денеска, вторник во 12 часот во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ во организација на Поетското здружение „Маскота“ од Охрид ќе бидат промовирани четири книги од писателката Бела Узелова ( Благица Хаџи Јовановска ).
Се работи за нејзините дела: „Неизмерен шок“, „Ледениот лавиринт“, „Ликови под сенка“ и „ Таинството на легендите“ сите издадени оваа 2025 година.
На две книги издавач и финансиер е Општина Охрид, а како издавачи на останатите две книги се појавуваат Ирис од Струга и Дата ПЕСНОПОЈ од Битола.
Во „Неизмерен шок“ писателката Узелова, нуди композиција водена искуствено со постојано следење на бунтот на ликовите, секој на свој начин со своите посакувања да ги наметне димензиите на својот карактер. Тоа е хумористично – сатиричен роман преполн со случки кои предизвикуваат штрекнување и шокантно примање на нештата кои се реализтични, а поттикнуваат кај читателот смеа до солзи. Токму „Неизмерен шок“ е наградена од издавачот Дата ПЕСНОПОЈ од Битола со наградата „Пелистерски ракувања“.
Романот „Ледениот лавиринт“ од Узелова е текст кој дава нешто ново , како нов ден или нов случај. Ледениот лавиринт е замок , дворецот кој е безизлезноста на лавиринтот. Во лавиринтот живеат бубачињата додека инсектите доаѓаат и си одат. Низ вербална алегориска слика писателката Бела Узелова стихијно не’ воведува во случувањата кои се видливи и необични.
„Ликови под сенка“ е поетска книга во која Бела Узелова во претежно куса форма ги разлева своите емоции и погледи на светот поделени во неколку циклуси.
Книгата „Таинството на легендите“ донесува седум куси раскази во кои доминира прикажување во духот на легендите и преданијата кои можат да бидат врзани за одредени места и луѓе , но кои во суштина се безвременски со своите наровученија за доброто и лошото, вели авторката Узелова.

Македонски








