Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за МИА потврди дека Финансиската полиција спроведува акција за апсење на лице поврзано со случајот „Државна лотарија“ кое треба да биде спроведено во обвинителство.
На прашање дали има сознанија во врска со изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, која на денешната собраниска седница кажа дека поради злоупотреба на буџет е уапсено лице од Управата за финансиска полиција, Ивановски одговори потврдно.
Да, точно е, има лице од Финансиската полиција поврзано со случајот „Државна лотарија“. Да почекаме да го однесат во обвинителство па ќе споделиме повеќе информации, рече директорот.
На денешната седница за пратенички прашања, Димитриеска Кочоска на опозицијата ѝ порача дека им смета борбата против корупцијата и криминалот на оваа Влада.
Ви смета, затоа што многу искрадовте. Сега во овој момент еве да ви кажам дека еден веќе е уапсен од Финансиската полиција, во моментов во обвинителство. Ви смета затоа што полека, полека одговарате еден по еден. Би ми сметало и мене веројатно да сум на вашата страна, ама никогаш не би се нашла во таква позиција, им порача министерката.
МИА се обрати и до Минстерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, од каде ни посочија дека ќе ги проверат наводите и потоа ќе информираат.
Помеѓу осомничените во случајот со Државна лотарија се и поранешниот вицепремиер, Артан Груби и ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се во бегство.
За двајца од осомничените во случајот постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.