
Донацијата од „Матица македонска“ за учениците од Демир Хисар, веќе е традиционална – деветта година по ред. До сега, донирани се 6.300 книги, а само оваа година донирани се близу 570 примероци.
Книга за секој ученик од основните и од средното училиште во Општина Демир Хисар. Деветта година по ред, „Матица македонска“ ја оствари акцијата со којашто до сега, донирани се 6.300 книги, а само годинава донирани се близу 570 примероци – по еден за секој ученик. Иницијативата за оваа онација е на основачот на „Матица македонска“, поетот и книжевен критичар Раде Силјан. Во општината во којашто е неговиот роден крај – селото Жван, учениците секогаш да го имаат она што на многумина претходни генерации, меѓу кои и неговата, многу им недостасувало – книги.
– Никој друг како „Матица македонска“ нема придонесено за развивање на љубовта кон книгата, кон македонскиот збор и мисла. Над 700 ученици од градот Демир Хисар и од 40 населени места во општината, во своите домашни библиотеки имаат по девет книги од првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија. Никогаш не се заборавени и најмладите – за првачињата, можеби тоа е највредниот подарок што го добиле. Особено кога се знае дека и секоја следна година ќе добијат нова книга, мотивот за дружба со книгата е уште поголем, и тоа во време на дигитализација, екранизација и други вредности, истакна градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, на средбата на којашто ја прими донацијата од „Матица македонска“.
Тој и посочи дека оваа акција е најмасовната што има традиционален карактер и е од областа на културата и образованието во општината.
– Девет години, нашиот истакнат писател Раде Силјан ги радува децата во нашата општина. Донациите немаат само огомна емотивна вредност за неговиот роден крај, туку објективно, и голема финансиска вредност, но никогаш за тоа не повика медиуми за некаква реклама, не побара нешто од општината… Единственото што го побара е навистина, книга да има секој ученик. Да се надеваме дека некој од тие ученици, за некоја година ќе биде значајно име за нашата книжевност, затоа што демирхидарскиот крај е оној што на Македонија ѝ ги дари најмоќните писателски пера, посочи Најдовски.
Од Демирхирско, покрај Раде Силјан се и: Петре М. Андреевски, Божин Павловски, Веле Смилевски, Јордан Плевнеш, Добре Тодоровски, Горјан Петревски, Милица Димитријовска Радева… Овој крај се издвојува како клучен топос за современата македонска книжевност.
Од „Матица македонска“ се најавува дека традицијата ќе продолжи, а посебна донација ќе следи токму следната година, кога ќе се случи и јубилеј – една деценија од првата донација на книги за сите ученици во Општина Демир Хисар, но и ќе се навршат 35 години од формирањето на првата приватна издавачка куќа во самостојна Македонија.

Македонски







