Skip to main content

Промоцијата на „ИНА“ од Весна Мојсова-Чепишевска прерасна во книжевен триумф

Огромен интерес и преполн „Лабораториум“ ја одбележаа промоцијата на „ИНА“ од Весна Мојсова-Чепишевска, одржана вчера во Скопје. Средбата со многубројната публика прерасна во вистински празник на книжевноста за деца, а делото доби извонредни оценки од промоторката Ана Јовковска и од Оливера Ќорвезироска, кои ги истакнуваат неговата книжевна вредност, емотивната сила и единството на текстот и илустрациите.

Книгата за деца, со илустрации на Иванка НиБа, во издание на „Светулка“, на промоцијата првпат беше достапна за читателите. Посебен белег на програмата ѝ даде перформансот на децата од здружението „Доза среќа“, кои со својот творечки настап ја збогатија средбата посветена на „ИНА“. Нивното учество го внесе детскиот израз во самото претставување на книга што го поставува детето, неговиот глас и неговиот внатрешен свет во средиштето на вниманието.

Веднаш по промоцијата, Оливера Ќорвезироска го објави освртот „ТРИ ЗБОРА ЗА ЕДНА СЛИКОВНИЦА“, во кој ја издвојува двојната рамнотежа што ја постигнува книгата: меѓу книжевноста и инклузијата и меѓу текстот и илустрацијата. Според неа, „ИНА“ ја носи „рамнотежата што одамна ја чекаме во домашната книжевност за деца“.

„Текстот на Весна Мојсова-Чепишевска ги избажадарил овие нешта до беспрекорност“, пишува Ќорвезироска. „Ги обединил, ги здушил и ги гушнал инклузијата и книжевноста во една топла, човечка и обмислена приказна“, истакнува таа, посочувајќи ја дневничката форма како особено податлива за децата.

Ваквата оценка ја поткрепува со конкретни согледувања за градењето на приказната. Ги издвојува внимателното воведување на ликовите, дискретното надоврзување на домашната книжевна традиција и временската рамка на првата училишна седмица на Ина. Во овие решенија Ќорвезироска препознава промислени авторски постапки преку кои формата создава значење, а секој детаљ добива своја улога во целината.

Посебно внимание во освртот му е посветено на творечкото единство на Весна Мојсова-Чепишевска и Иванка НиБа. Ќорвезироска нагласува дека илустрациите го прошируваат раскажувањето и му додаваат нови значења. Во цртежот на девојчето меѓу куклата и училиштето, како и во облакот со расфрлани букви, таа препознава ликовни решенија што ги продлабочуваат зборовите и го доближуваат детското искуство до читателот. Текстот и сликата, во нејзиното читање, имаат сопствена уметничка сила, а преку заедништвото заемно се засилуваат.

Исклучително висока оценка за книгата дава и промоторката Ана Јовковска. Во својот осврт таа ја нарекува „ИНА“ „фантастична“ и го издвојува мајсторството „да се пишува со толку нежност и да се илустрира со толку разбирање“. За Јовковска, таквиот пристап кон сложениот свет на детската ранливост претставува „врвен книжевен и уметнички дострел“.

Јовковска особено ја нагласува емотивната линија на приказната: движењето од стравот од непознатото, срамот и чувството на отфрленост кон пркосот, пронаоѓањето на сопствениот глас, емпатијата и надежта. Топлиот јазик на Мојсова-Чепишевска, проникливите графитни линии и колоритот на НиБа, според неа, се надополнуваат во „дело кое нè тера да слушаме и да чувствуваме“. „Многу надеж за овој суров свет!“, порачува таа.

Оценките на Јовковска и Ќорвезироска го осветлуваат значењето на „ИНА“ од две блиски перспективи: силата со која приказната допира до чувствата и прецизноста со која се изградени нејзиниот книжевен и ликовен свет. Во нивното средиште е хероина чија потреба за прифаќање, блискост и сопствен глас добива убедлив уметнички израз.

Со големиот читателски одзив на промоцијата и со силните критички оценки, „ИНА“ се издвојува како впечатлив нов наслов во македонската книжевност за деца. Весна Мојсова-Чепишевска и Иванка НиБа создаваат книга што отвора простор за заедничко читање, за разговор и за разбирање на другиот. Книга со која вреди да се расте, во која нежноста има сила, а надежта го носи името на Ина.

Поврзани вести