Skip to main content

„Анна“ на Нина Николиќ на меѓународниот театарски фестивал „Sexual Theatre – Feminist Readings of Classics“

Театарската претстава „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, ќе биде изведена на 28 октомври 2026 година, со почеток во 20 часот, на сцената на Босанскиот народен театар во Зеница, Босна и Херцеговина, во рамките на второто издание на меѓународниот театарски фестивал „Sexual Theatre – Feminist Readings of Classics“. 

Фестивалот „Sexual Theatre“, кој се одржува од 26 до 31 октомври, е посветен на современите феминистички читања на класичните дела и на преиспитувањето на родовите односи, општествените улоги и позицијата на жената. Преку селекција на театарски продукции од регионот и пошироко, фестивалот отвора простор за критички дијалог за еднаквоста, еманципацијата и општествените механизми кои ги обликуваат односите на моќ.

Инспирирана од романот „Ана Каренина“ на Лав Толстој, претставата нуди современ поглед кон прашањата за љубовта, семејните односи, личната слобода и правото на индивидуален избор. Преку интимната приказна на една жена, драмата ги преиспитува општествените очекувања, механизмите на контрола и цената на еманципацијата во современото општество.

Гостувањето во Зеница следува по значајниот меѓународен успех на претставата на 27. Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг, Хрватска, каде што „Анна“ ја освои главната фестивалска награда Гран при, додека актерката Маја Љутков беше наградена со „Златен лав“ за најдобро актерско остварување, за толкувањето на насловната улога.

Во претставата играат Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Жаклина Петровска, додека Тони Денковски учествува како глас. Авторскиот тим го сочинуваат Илина Ангеловска (сценограф), Ивана Каранфиловска Угуровска (костимограф) и Оливер Јосифовски (композитор).

Гостувањето на „Анна“ на фестивалот „Sexual Theatre“ претставува продолжување на меѓународниот сценски живот на претставата, но и можност за афирмација на современите женски авторски поетики и нивното место во регионалниот театарски простор.