Skip to main content

Изложба „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски во Велес

На 10 ноември во 20 часот во фоајето на театарот „Јордан Хаци Константинов- Џинот“ во Велес ќе биде отворена изложбата „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски.


На изложбата ќе бидат претставени скулптури и инсталации во простор. За изложната во каталогот , кураторот Јасминка Намичева ќе напише: Во контекст на современата македонска уметничка сцена, „Куќата на порцеланот“ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво.

Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла.

„Куќата на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија.

Филип Фидановски (роден 1977, Скопје, некогагашна Социјалистичка Република Македонија, СФР Југославија) е современ уметник, керамичар со повеќе од три децении активна работа во областа на уметноста, образованието и културниот развој. Живее и работи во Скопје.

Неговиот интерес кон керамиката и визуелните уметности се појавил уште во младоста. Во 1996 година дипломирал како ликовен техничар за керамика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Под менторство на проф. Красимир Џидров, дипломирал во 2002 година како керамичар и професор по уметност, а во 2004 година магистрирал на истата катедра.

Фидановски е активен член на повеќе професионални здруженија: Здружението на керамичари на Македонија – ИСКОН, ДЛУМ (до 2022), Друштвото на ликовни уметници на Тројан (Бугарија), постојан член на керамичката колонија во Племениташ (Хрватска), како и почесен член на хрватското здружение „Керамеикон.“

Поврзани вести