
„Да не дозволиме повторно да нè подели омразата. Да научиме дека различноста не е слабост, туку доказ дека сме живо општество,“ порача синоќа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Скопје во рамките на кампањата за локалните избори.
Тој истакна дека првиот изборен круг покажал дека граѓаните можат да се обединат против поделбите и да изберат заедништво наместо конфронтација.
„Во првиот круг докажавме дека можеме да ѝ се спротивставиме на омразата и поделбите. Во градови каде што очекуваа да бидеме декор кој ќе изгуби, ние решивме да создадеме преку заедништво и план,“ рече Мицкоски.

Во своето обраќање тој подвлече дека довербата на народот е најголемата чест, но и најголемата одговорност.
„Нема повисока чест од тоа кога народот ти верува, и нема поголем срам од тоа да ја изневериш таа доверба. Затоа и кога победуваме, треба да останеме смирени. Вистинската победа не е денес – таа е утре, кога ќе видиме дали сме ја заслужиле повторно довербата,“ порача премиерот.
Мицкоски се повика и на зборовите на американскиот претседател Џон Кенеди:
„Не прашувај што може државата да направи за тебе; прашај што можеш ти да направиш за државата.“
Со тој дух, тој ги повика граѓаните да излезат на вториот изборен круг „мирно, достоинствено, со разум и со срце“.
„Направете го тоа што е во ваша моќ за Скопје, за општините, за Македонија. Со крената глава,“ рече Мицкоски.
Тој порача дека вистинската победа не се мери во бројки, туку во зрелост и свест.
„Да покажеме дека народот разбира. Не зборувам како политичар, туку како човек што верува дека оваа земја може да стане нормална. Како татко што сака децата да живеат овде, а не да прашуваат колку чини билет до Минхен, Чикаго или Мелбурн,“ рече тој.
Премиерот истакна дека државата не ја спасуваат слогани и бучни оратори, туку луѓе со чиста намера, план и дела.
„Не ја градат кампањи, туку работа, љубов и жртва. Ја градат луѓе – сите ние овде вечерва сме тие луѓе,“ додаде тој.
Мицкоски ја заврши својата порака со цитат од папата Јован Павле Втори:
„Иднината започнува денес, не утре. Ние ја започнавме нашата иднина – и нема назад.“
Во завршниот дел повика на единство и гордост при гласањето во вториот круг:
„Кога некој ќе рече дека ништо не може да се смени, кажете му – погледни околу себе, ние сме тие што менуваат. Верувај во себе и верувај во Македонија. Затоа што никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нејзиниот народ. Не странци, не дипломати – ние сме тие што ја чуваме.
Кога ќе излезете на вториот круг, не гласате само за градоначалник или советник – гласате за ред, достоинство и иднина. Гласате за своето место под ова небо, за Македонија со гордост, а не со срам,“ порача Мицкоски пред скопската публика.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски







