Skip to main content

Мицкоски: Секој стисок на рака е договор со народот – довербата е најтешкиот товар што политичар може да го носи

„Периодот на изборна кампања е посебно значаен за нас политичарите, затоа што тогаш се среќаваме со најголем број луѓе. Тоа не значи дека сме одвоени од реалноста, туку дека нашите редовни обврски бараат максимална посветеност на ветувањата дадени пред граѓаните,“ рече вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Скопје во рамките на кампањата за локалните избори.

Тој истакна дека токму на овие средби се случува „најважното нешто за еден политичар“ – непосредниот контакт со граѓаните, преку кој може да ја почувствува и нивната поддршка и нивните критики.

„Во тие очи што ги среќавав оваа кампања има и надеж и сомнеж, и доверба и барање за одговорност,“ рече Мицкоски, наведувајќи примери од своите средби со луѓе низ државата.

„Во Кичево стиснав рака на човек што чистеше улица. Ми рече: ‘Премиере, не ветувајте лесно. На нас луѓето ни треба да видиме труд и напор, не чуда преку ноќ.’ Во болницата ‘8 Септември’, медицинска сестра ми порача: ‘Ние ќе издржиме, само издржете и вие да го обновите здравството.’ А еден студент ме запре и ми рече дека и покрај тоа што многу млади сакаат да заминат, решиле да му дадат шанса на овој нов почеток,“ раскажа премиерот.

Тој додаде дека секој глас на изборите – без разлика дали оди за ВМРО-ДПМНЕ, опонентите или независните листи – не е само бројка, туку живот и поракa што треба да се сфати со внимание и почит.

„Секој стисок на рака е договор. Договор дека ќе работиме сериозно, посветено и вистински. И во секој стисок чувствувам нешто заедничко – надеж помешана со страв и сомнеж. Како луѓето да ми велат: ‘Те поддржуваме, ама не нè изневерувај како сите претходно’. И тоа е најтешкиот товар – довербата на еден народ,“ истакна Мицкоски.

Во заклучок, тој порача дека секој поглед на граѓанин е порака што политичарите мора да ја разберат.
„Понекогаш погледот на еден човек на улица вреди повеќе од илјада зборови во Владата или парламентот. Тој поглед или ти вели ‘те почитувам’, или ‘те отпишав’. Народот гледа, следи и е мудар,“ заврши премиерот.

Поврзани вести