Skip to main content

Васил Хаџиманов со концерт во „Паблик рум“ на први ноември

Еден од најавтентичните и највлијателни џез музичари од Балканот, Васил Хаџиманов, ќе одржи концерт на 1 ноември во „Паблик Рум“ во Скопје, каде што ќе настапи со својот бенд во состав познат по силната сценска енергија и непредвидливите музички патувања.

Публиката може да очекува вечер исполнета со слобода, импровизација и емоција, со избор од делата на Хаџиманов од неговите досегашни осум албуми, како и премиерно изведување на дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.

Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам,“ вели Хаџиманов, додавајќи дека најважно во музиката е искреноста и спонтаноста. „Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, сè е дозволено и сè е во игра,“ истакнува тој.

Во своето творештво, Хаџиманов маестрално ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритмови, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи единствен музички јазик што ја обединува публиката од различни генерации и култури.

Концертите на Хаџиманов се препознаваат по интензивната комуникација со публиката, каде што секоја нота прераснува во дијалог, а секоја импровизација во заедничка енергија. Минатите настапи во „Паблик Рум“ останаа запаметени по високата музичка виртуозност и искрената атмосфера, онаа што го прави неговиот настап повеќе од концерт, вистинско музичко доживување.

Добрата енергија на сцената почнува со добри луѓе,“ додава Хаџиманов. „Секогаш имам среќа да бидам опкружен со фантастични музичари кои споделуваат иста страст.“

Поврзани вести