Skip to main content

Пропаднаа преговорите меѓу Авганистан и Пакистан

Разговорите насочени кон обезбедување долгорочен прекин на огнот меѓу Авганистан и Пакистан завршија во Истанбул без „функционално решение“, изјави во средата пакистанскиот министер за информации, што претставува удар врз мирот во регионот по смртоносните судири овој месец.

Целта на разговорите беше да се постигне траен мир меѓу јужноазиските соседи откако десетици беа убиени по нивниот пограничен судир во најлошото такво насилство откако талибаните се вратија на власта во Кабул во 2021 година по овелкувањето на САД и сојузниците по двете децении окупација на Авганистан.

„Авганистанската страна постојано отстапуваше од суштинското прашање, избегнувајќи ја клучната точка во која беше започнат процесот на дијалог“, изјави во соопштение рано во среда пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар.

Тој додаде:

„Наместо да прифатат каква и да е одговорност, авганистанските талибани прибегнаа кон префрлање обвинувања, диверзија и измама. Затоа, дијалогот не успеа да произведе какво и да е практично решение“, рече Тарар.

Авганистанското Министерство за надворешни работи и одбрана не одговори веднаш на изјавите на Тарар.

Двете земји се согласија за прекин на огнот постигнат во Доха на 19-ти октомври, но не можеа да најдат заедничка основа во втората рунда разговори во Истанбул, посредувани од Турција и Катар, изјавија авганистански и пакистански извори запознаени со ова прашање, обвинувајќи се меѓусебно за неуспехот.

Пакистански безбедносен извор изјави дека талибаните не се подготвени да се обврзат на зауздување на пакистанските талибани, посебна милитантна група непријателски настроена кон Пакистан за која Исламабад тврди дека има бази и дејствува неказнето во Авганистан.

Авганистански извор запознаен со разговорите изјави дека тие завршиле по „тензични размени“ по ова прашање, додавајќи дека авганистанската страна изјавила дека нема контрола врз пакистанските талибани, изминатите седмици започнаа напади врз пакистанските трупи.

Министерот за одбрана на Пакистан во саботата изјави дека верува оти Авганистан сака мир, но дека неуспехот да се постигне договор во Истанбул би значело „отворена војна“.

Пет пакистански војници и 25 пакистански талибански милитанти беа убиени само во судирите за време на исминатиот викенд во близина на авганистанската граница и покрај прекинот на огнот меѓу Пакистан и талибаните, соопшти армијата во неделата.

Почеток на судирите


На 10-ти октомври медиумите објавија дека ден претходно пакистански дрон нападнал оклопно теренско возило во авганистанската престолнина Кабул во кое се наоѓал лидерот на пакистанските талибани, Нур Вали Мехсуд, и неговите можни наследници на позицијата. Дополнително, пакистанските воздухопловни сили започнаа напад врз покраината Пактика во источен Авганистан. Кабул ги критикуваше нападите на неговата територија, нарекувајќи ги инвазија и нарушување на суверенитетот.

Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТP), пакистанскиот огранок на талибанското движење, во септември ја презеде одговорноста за серија напади врз пакистанските безбедносни сили кои загубија десетици војници во покраината Хајбер-Пахтунхва, каде што ТТР, главната бунтовничка исламистичка група во земјата во планинскиот полуавтономен паштунски регион на границата на Пакистан со Авганистан, се враќа на методите од 2000-те години.

За официјален Исламабад, тоа се истите авганистански талибани кои се вратија на власт во Кабул во летото 2021 година и го поттикнуваат бунтот. Исламабад го обвинува својот сосед дека не ги повлекува групите што вршат прекугранични напади врз Пакистан од неговата територија. Кабул ги отфрла обвинувањата на Пакистан и го обвинува Исламабад за помагање на „терористичките“ групи, особено на регионалниот огранок на ултрарадикалната Исламска држава (IS).

Од 1-ви јануари годинава повеќе од 500 луѓе се убиени во напади на ТТР во споменатата покраина и соседната покраина Белуџистан. Минатата година беше најсмртоносна за Пакистан во речиси десет години во однос на конфликтот со исламистите, со 1.600 убиени.