Skip to main content

Јубилејна 50. изведба на „Торонто експрес“ вечерва во МНТ

Во среда, 22 октомври, со почеток во 20 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи јубилејната 50. изведба на монодрамата „Торонто експрес“, претстава која веќе неколку години го освојува театарската публика со својата искреност, хумор и емоција.

Работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов – Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, претставата ја прикажува иронијата и болката на македонската емиграција во Канада. На сцената, Александар Микиќ маестрално го носи целиот товар на драмата, создавајќи емотивен, духовит и човечки портрет на современиот „печалбар“.

„Торонто експрес“ е приказна за заминувањето и копнежот по подобар живот, но и за идентитетот и носталгијата што никогаш не исчезнува. Преку духовитите монолози и живиот скопски сленг, Микиќ ја оживува реалноста на новите печалбари – луѓе со факултетски дипломи кои во странство носат пици или работат како конобари, додека нивните соништа и корени остануваат тука.

Режисерот Јордан Симонов додава дека ова е претстава што „преку смеа боли“ – дело што со едноставност и топлина ја раскажува приказната на илјадници Македонци што живеат со едно око кон тука, а со другото кон таму.

Поврзани вести