
Десничарската владејачка партија на премиерот Христијан Мицкоски, оствари убедлива победа во првиот круг од локалните избори што се одржаа вчера во Македонија, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА на почетокот од текстот за вчерашниот прв круг од локалните избори кај нас, текст што е преземен од голем дел од онлајн изданијата на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

„Македонија: Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори“; „Македонија: Нов тежок пораз за партијата на Заев на локалните избори – Убедлива победа за ВМРО-ДПМНЕ“; „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори“; „Македонија: Широка победа на партијата на Мицкоски во првиот круг од локалните избори“, се дел од насловите во грчките медиуми.

Во текстовите се пренесени податоците од Државната изборна комисија, со коментар дека „ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи во низа големи општини во земјата“, а пренесен е и ставот на лидерот на партијата Мицкоски за време на вчерашната прес-конференција дека станува збор за триумф со победа во над 30 општини.
Ова е триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока, избра вредности, избра луѓе кои веруваат во работа, а не во зборови, АНА-МПА ја пренесува пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Државната агенција се осврнува и на слабите резултати и поразот на СДСМ, а како пример ја споменува Струмица, каде што потсетува дека поранешниот премиер Зоран Заев беше 11 години градоначалник.
Опозициската Социјалдемократска партија (СДСМ), предводена од Венко Филипче, претрпе уште еден тежок пораз, по поразот на парламентарните избори во мај 2024 година и губењето на власта во земјата. Индикативно за слабеењето на СДСМ е губењето на нејзиното традиционално упориште, Струмица – родното место на поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев и општината каде што тој беше градоначалник 11 години (2005-2016). Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ таму убедливо победи и беше избиран во првиот круг, пишува АНА-МПА.

За албанскиот блок, грчката новинска агенција коментира дека ВЛЕН е во подем, а ДУИ претрпе загуби и детално ги анализира резултатите во околу 15 од 81 општина каде што мнозинството се Албанци.
АНА-МПА пишува и дека во град Скопје ниту еден од вкупно 16 кандидати за градоначалници не беше избран во првиот круг, но „кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски води со голема разлика и се смета за речиси сигурно дека ќе биде избран за нов градоначалник на главниот град во вториот круг“.