
Кандидатот за градоначалник на општина Крива Паланка, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Алексовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека општината ќе биде пример за развој, со конкретни проекти и визија во областа на инфраструктурата, образованието, културата, спортот и соодветна грижа за младите и постарите.
По децении ветувања-нашиот планински бисер, локалитетот на Калин Камен ќе го добие заслуженото место на туристичката карта, поставувањето на ски лифтот на локалитетот ќе значи реален развој на Калин Камен. Поддршката за младите и спортот ќе биде реална и конкретна, ќе славиме заеднички победи со проектот 100.000 евра годишно за спортот во Крива Паланка. Изградба на ново сообраќајно решение со мост и семафорска раскрсница за поврзување на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ со патниот правец А2 и населбата Бегови Бавчи. Изградба на нов мост преку Крива река во ширина од 7 метри со тротоари за безбедност на учениците и учесниците во сообраќајот“, рече Алексовски.
Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Оливер Алексовски истакна дека ќе се инвестира во патната инфраструктура, младите и спортот, но воедно и Крива Паланка ќе добие спортски терени, нови детски игралишта и прочистителна станица за отпадни води на Крива река.
Ќе градиме локална и регионална патна инфраструктура, со предвидени над 40 километри асфалтирање на патни правци во повеќе села. Ќе градиме и канализациони системи, ќе ги одржиме постојните и нови зелени површини. Ќе го ставиме во функција градскиот базен, спортот ќе доживее експанзија со доуредување на спортската сала кај мотел Македонија. Младите ќе имаат централно место во нашето работење, ќе формираме центар за млади, младите ќе добиваат не само стипендии, туку спортистите ќе имаат буџет за спортски ваучер, ќе се отвори локално радио Крива Паланка, ќе поддржиме младински старт-апи, ќе се градат и уредуваат нови детски игралишта, спортски терени, ќе ги обновиме училиштата. Крива Паланка ќе добие главен колектор и прочистителна станица за отпадни води на Крива Река, проект за кој етапно ќе изнаоѓаме средства“, вели Алексовски.