Skip to main content

Пелистер прослави 80 години од клубот и 40 „Чкембари“

 Општина Битола, сопственик на ФК Пелистер со свечена академија го одбележа јубилејот 80 години од формирањето на клубот и 40 години од основањето на навивачката група чкембари.

Пред фудбалерите од повеќе генерации на ФК Пелистер, како и гости на клубот од романскиот шампион Динамо-Букурешт, градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека е чест да се биде градоначалник во годината на јубилеите на клубот и верните навивачи.

-Јавно се заблагодарувам на сите ентузијасти, фудбалски работници, тренери, спортисти кои оставиле голема трага во ФК Пелистер. Осумдесет години зелено-бела боја во Битола, тоа е Пелистер,  бренд кој поврзува генерации цели 80 години и не се сомневам уште многу, многу години во иднина. Брендот Пелистер и фудбалскиот клуб сега се на стадион со полн сјај, а тоа е стадионот „Петар Милошевски“ како прекрасен дом на фудбалот. Ние ќе продолжиме со силна поддршка на фудбалот за идните генерации растат во здрава атмосфера и со здрав дух, посочи градоначалникот Коњановски.

На свеченоста во Битола со видео порака јубилеите на клубот и навивачите ги честиташе претседателот на ФФМ Месар Омерагиќ, како и претседателот на ФК Пелистер, Александар Стефановски кој додели посебни признанија награда за кариера на фудбалерите Петар Упалевски и Спасе Ристевски, потоа на Драган Димитровски најдобар фудбалски стрелец во историјата на клубот, како и на Бруно Пресилски кој што го постигна првиот гол за ФК Пелистер во Првата македонска фудбалска лига.

Во моментов и во чест на јубилеите на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, пријателски фудбалски натпревар играат ФК „Пелистер“ и романскиот фудбалски шампион Динамо од Букурешт. 

Поврзани вести