
Заедно со граѓаните ја водиме општината, партиските интереси се на страна, истакна кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, во гостувањето на Канал 77. Тој потенцираше дека Центар е пример како треба да се води една локална самоуправа, без политика, со работа исклучиво во интерес на граѓаните.
„Локалната самоуправа треба да се води исклучиво во интерес на граѓаните. Политиката треба целосно да се тргне настрана, така и постапувавме. Ние водевме сосема поинаков начин на функционирање во општината. Немаме мнозинство во Советот, но со домаќинско работење и добро менаџирање успеавме да покажеме дека сите добри предлози, без разлика од која советничка група доаѓаат ги вметнуваме во програмите и буџетите на општината, и потоа ги реализираме. Четири години немавме мнозинство, а претседателот на Советот е од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, функциониравме одлично“, рече Герасимовски додавајќи дека тоа било потврдено и од самите советници.
Тој, истакнува дека е среќен што овие четири години заедно со граѓаните ја водел општината, и заедно со нив е направена новата програмата.
„Со нив ќе продолжиме да ја водиме општината и понатаму, а партиите и партиските интереси ќе бидат целосно отстранети од Советот“, вели Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше и дека неговата кампања не трае 20 дена, туку 4 години.
„Ние сме постојано на терен, ние сме секојдневно со граѓаните. Заедно со граѓаните ги креираме програмите преку буџетски форуми, преку голем број на анкети, средби во маалата. Новата програма планираме од почетокот на ноември да ја спроведуваме“, додаде Герасимовски.