
Полицијата во Скопје во текот на изминатите два дена регистрирала неколку инциденти во кои бил нарушен јавниот ред и мир и пријавено семејно насилство.
Вчера околу 12:40 часот во парк на подрачјето на Центар, дошло до физичка пресметка помеѓу двајца мажи од Тетово, на возраст од 47 и 36 години. Случајот е документиран, а по целосно расчистување ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во Кисела Вода, во 09:18 часот, 50-годишен скопјанец пријавил дека неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзиниот брат, исто така малолетен. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Во општина Аеродром, 51-годишниот С.Ј. пријавил дека бил физички нападнат од две лица, по претходна расправија. И овој инцидент е под полициска истрага.
Ден претходно, во вторник наутро, 68-годишен маж од Кисела Вода пријавил дека бил нападнат од својот 35-годишен син, кој во нападот оштетил и дел од покуќнината.