Skip to main content

Израел и Хамас ги презедоа првите чекори кон спроведување на мировниот договор на Трамп

Freepik

Израел и палестинското милитантно движење Хамас денеска ги презедоа првите чекори кон спроведување на мировниот договор, кој го објави американскиот претседател Доналд Трамп во текот на ноќта.

Според израелските медиуми, Советот за безбедност на Израел ќе се состане попладне за да биде информиран за договорот за Газа, по што ќе следи владина седница на која ќе се гласа за спогодбата.

Раководителот на Канцеларијата за затвореници на Хамас, Захер Џабарин, претходно соопшти дека исламистичкото движење „ги доставило списоците на палестинските затвореници според договорените критериуми и чека конечна потврда на имињата пред нивното објавување“.

Трамп соопшти дека посредничките преговори во Египет довеле до постигнување договор за првата фаза од мировниот план.

Во таа прва фаза, треба да бидат ослободени сите заложници кои се држат во Газа, а израелските сили ќе се повлечат до однапред договорена линија.

Договорот беше поздравен од бројни светски лидери, а израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека Трамп заслужува Нобелова награда за мир, чиј добитник ќе биде објавен утре. За Нобеловата награда за мир за 2025 година има 338 кандидати. Од нив, 244 се поединци, а 94 се организации.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху напиша на платформата „Икс“ дека станува збор за „дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел“.

Мировниот план на Трамп, составен од 20 точки, предвидува израелските сили во Газа да се повлечат до „линија на почетно повлекување“ во замена за ослободување на преостанатите заложници – живи и мртви – кои Хамас ги држи веќе нешто повеќе од две години.

Според планот, Израел ќе ослободи околу 250 Палестинци осудени на доживотен затвор и приближно 1.700 други лица уапсени по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Поврзани вести