Skip to main content
ПРОФ. Д-Р ИГОР КУЗМАНОВСКИ, ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА

Со набавка на нуклеарна магнетна резонанца на Клиниката за неврологија ќе се намали листата на чекање за дијагностицирање на мултипла склероза

Приватна архива / Проф. д-р Кузмановски: Во просек потребни се околу 6 месеци да се постави дијагнозата

Во Македонија од мултипла склероза (МС) боледуваат повеќе од 2.200 луѓе, а во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени.

Главна алатка за дијагноза на МС и следење на активноста на болеста е нуклеарната магнетна резонанца, која прецизно ги визуелизира промените во мозокот кај МС. Листите за чекање во државните институции за истата се долги и тешко успеваме да најдеме термини за снимање. Сметам дека проблемот ќе се реши со набавка на магнетна резонанца на Клиниката за Неврологија каде што ќе ги сликаме пациентите по стандардизирани протоколи и така ќе добијат прецизна дијагноза и адекватен третман, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Игор Кузмановски, директор на Клиниката за неврологија.

МС е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

Повеќе од 2.200 лица во Македонија боледуваат од мултипла склероза (МС), според податоците на Националното здружение за помош и поддршка на лица со МС во Македонија. Дали оваа бројка е реална?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Повеќе од 2.200 лица се во регистарот за Мултипла склероза на Клиниката за неврологија. Оваа бројка е поголема, бидејќи дел од пациентите се недијагностицирани, или се лекуваат во другите медицински центри во Македонија. Нашата земја влезе меѓу земјите со висок ризик за појава на МС со повеке од 100 новодијагностицирани пациенти годишно, како и повеќето европски земји.

На Денот на одбележувањето на лицата со МС истакнавте дека дијагностиката останува голем проблем во третманот на оваа болест. Може ли да ни кажете нешто повеќе?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Главна алатка за дијагноза на МС и следење на активноста на болеста е Нуклеарната магнетна резонанца, која прецизно ги визуелизира промените во мозокот кај МС. Листите за чекање во државните институции за истата се долги и тешко успеваме да најдеме термини за снимање. Сметам дека проблемот ќе се реши со набавка на магнетна резонанца на Клиниката за Неврологија каде што ќе ги сликаме пациентите по стандардизирани протоколи и така ќе добијат прецизна дијагноза и адекватен третман.

Кои се најсовремените дијагностички методи кои се користат денес во светот?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Веќе споменав НМР е златен стандард кој сега е со моќност од 3 до 7 тесла како и имунолошките испитувања во цереброспиналниот ликвор кои се патогномонични за болеста МС.

Колку време, во просек, поминува од појава на симптомите до поставување на дијагноза?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Во просек потребни се околу 6 месеци па и повеќе кај граничните случаи да се постави дијагнозата и неретко се случува на пациентите да им биде потребно подогол време да стигнат до невролози кои се специјализирани за МС.

МС е болест на младата популација, една од главните причини за инвалидитет кај младите, после траумите. Каков е квалитетот на живот на овие пациенти?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Болеста точно е главна причина за инвалидитет кај младата популација посебно зашто нејчесто се јавува во втората и третата деценија од животот кога луѓето се со најголема работоспособност и истото преставува голем проблем и од социјален и од општествен аспект и товар за државата. Радува фактот дека во последните две децении се одобрени и во функција нови биолошки лекови кои во голема мера ја намалуваат активноста на болеста и ја ставаат истата во ремисија, така што квалитетот на живот и нивната работоспособност се значително подобрени.

Кои се главните опции за третман денес и колку се достапни кај нас?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Од базичната платформ терапија која се користи кај полесните форми на МС, до биолошка терапија со моноклонални антитела, имуносупресивни и имунореконструктивни лекови кај високоактивна болест, се достапни во Македонија како и кај повеќето европски земји.

На глобално ниво, кои се најновите достигнувања во третманот на МС?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Веќе споменатата високоактивна терапија која е одобрена во последнава деценија е најголемо достигнување кое го смени животот кај лугето со МС. Секако и последната генерација на апарати за НМР го олесниа поставувањето на дијагнозата.

Што би им препорачале на пациените кои штотуку ја добиле дијагнозата?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Секако би разговарале за начинот и стилот на живот и заеднички ќе донесеме одлука кој вид на третман е најдобар за типот на МС кој го имаат.

Терапијата за МС ќе може да се зема од уште три болници во Македонија, освен на Клиниката за неврологија, беше најавено од директорот на Фондот Сашо Клековски. Колку е тоа важно за пациентите?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКИ: Тоа за пациентите е од големо значење, бидејќи се намалуваат трошоците за транспорт и се намалува губиток на работни денови и на пациентите и на нивните придружници кои помагаат.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Поврзани вести