
Вкупно 14 радиолози кои работат во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје седнаа и амбоциозно снимија неколкучасовен говор на македонскии јазик кој обединува многу од дијагнозите кои ги пишуваат секој ден во професионалната пракса. Вака тие си го олеснуваат процесот на работа, стануваат побрзи, а пациентите резултатите од радиолошките снимања ги добиваат побрзо и поефикасно.
Она што сме го гледале и сме се восхитувале пред десетина години, поминувајќи низ низа на едукации по значајни светски и европски центри, станува наша светла реалност. Ние денес го имаме нашиот „РадиоБуки“, вели доцент д-р Димитар Вељановски, специјалист радиолог и супспецијалист неврорадиолог при Одделот за Радиологија и инервентна радиологија во ГОБ „8 ми-Септември“ во Скопје.
Идејата за раѓањето на „РадиоБуки“ доаѓа од „Буки“, новата дигитална платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик. Тоа значи снимени разговори, интервјуа, емисии, аудио записи, лесно и едноставно да бидат транскрибирани на македонски јазик. Тоа што си го снимил, без да куцаш на тастатурата на компјутер, дигиталната алатка ќе го запише за тебе. Моделот на „Буки“ го развија Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор на Универзитетот „Аалто“ во Финска, проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, проф. Ордан Чукалиев, раководител на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања во рамките на УКИМ и проф. Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија.
Со оваа алатка што ја користат радиолозите во ГОБ „8-ми Септември“ тие стануваат побрзи, повешти, поточни, а крајниот корисник – пациентот навреме го добива резултатот. Во интервју за „Република“ доцент д-р Димитар Вељановски објаснува како „РадиоБуки“ може да му спаси живот на пациентот и како медицината треба да ги користи сите бенефити на вештачката интелигенција.
Како дигиталната платформа „Буки“ која се базира на вештачка интелигенција е способна да транскрибира македонски говор може да се користи во медицината, посебно во областа на радиологијата?
Д-Р ВЕЉАНОВСКИ: Дигиталната платформa Буки или „РадиоБуки” е прототип кој во себе инкорпорира плејада радиолошки термини од нашата секојдневна радиолошка пракса подготвен и жеден да научи нови стручни радиолошки зборови и фрази кои се составен дел од нашите наоди или дијагнози. Нашата работа како радиолози главно се состои од интерпретација на наоди добиени од анализите на различни снимања секојдневно. За дополнително да го нахраниме нашиот драг нов пријател Буки, ние радиолозите, кои сме 14 на број во Градската општа болница „8-ми Септември“ амбициозно снимивме неколкучасовен говор за побрзо препознавање на радиолошката терминологија во пракса. Сега можеме нашите наоди многу побрзо да ги транскрибираме и сериозно да си го олесниме процесот на пишување на резултати кои навистина се голем број во текот на денот. Со тоа елегантно го олеснуваме процесот на работа, стануваме побрзи, а тоа резултира со издавање на резултатите на нашите пациенти многу побрзо и поефикасно.
Во време на брз технолошки развој колку е важно да се следат новите информации и да се користат сите алатки кои се на располагање за доброто на медицината и на пациентите?
Д-Р ВЕЉАНОВСКИ: Темпото на брзиот технолошки развој, особено во последните декади е мошне силно, тоа има значителен импакт врз сите индустрии и науката глобално. Сето тоа може значително да ни го поедностави патот до саканата цел, будејки ја нашата транзициска генерација побезболно да ја загризе новата модерна дигитална епоха. А и медицината не може да остане имунна на тоа.
Технолошките придобивки на модернето време може да донесат „сатанизација” на древните морални вредности, но истовремено, може да го направат нашето секојдневие поподносливо. Денес, носејки го мобилниот телефон во џебот ја ‘влечкаме’ цела Александровска библиотека вредна милони информации достапни за секунда, но во исто време поминуваме со саати ‘скролајки’ по шарениот екран соочувајки се со сопствената ограниченост. Со други зборови, имаме избор од која страна да го стиснеме ножот. Технолошката револуција е неминовна “беља’, која ни се тркала пред сопствените нозе, но секoгаш полесно е да ја шутнеме отколку да научиме вешто да жонглираме нели …

Како „Буки“ може да му спаси живот на еден пациент?
Д-Р ВЕЉАНОВСКИ: Идеалниот медицински пристап најчесто вклучува навремено доаѓање во болница, брза дијагностика и соодветен третман. Раната дијагностика и поставувањето на точна и навремена дијагноза игра есенцијална улога која го одредува третманот на пациентот. Многу состојби како пациентите со мозочен удар, онколошките пациенти се зависни од навремена и брза проценка, а точно испишана дијагноза е ‘conditio sine qua non’ во нивното понатамошно процесуирање кое би значело комплетно излекување или намален инвалидитет.
Во последните години постои дефицит на радиолози, посебно во помалите места. Тоа создава притисок на здравственот систем. Министерот за здравство неколку пати потсетува дека малкумина сакаат да специјализираат радиологија? Како може да се реши проблемот со радиолозите кај нас?
Д-Р ВЕЉАНОВСКИ: Интензивниот прогрес и брзиот развој на медицината во последните децении сериозно ја наметнаа потребата за создавање и обука на дополнителен кадар речиси во секој сегмент но посебно во радиологијата. Дигитализацијата, новата апаратура, современиот пристап кон различните патолошки ентитети се поврзани со сериозен и континуиран процес на учење и обука. Определбата да се студира и работи медицина бара многу одрекување, многу голема пожртвуваност, зошто тоа не е само работа ами своевиден modus vivendi кој носи голема одговорност, но истовремено еманира во топла полнота на духот и сознание дека навистина се прави нешто добро. Гледајќи го пристапот кон науката, потенцијалот и ентузијазмот кај дел од студентите, несомнено ме прави мирен дека навистина имаме огромна плодородна почва која само треба да се оплоди од зрнцето жар кој во себе го носат менторите, едукаторите, професорите, тоа значи дека светот продолжува.

Радиологијата е специјализирана област, таа бара постојано надградување и инвестиции во современата технологија. Што е она што го нуди ГОБ 8 Септември и тимот на радиолози кои работат?
Д-Р ВЕЉАНОВСКИ: Радиологијате е една од најбрзорастечките дисциплини во светски размери земајки го предвид фактот дека таа претставува гранка која дивергира не само како клиничка радиологија пред која стојат клиничите факти пред да се реализра било кое снимање со брзо прогесирачка суб-гранка – интерветна радиологија без која не може да се замисли денешниот модерен пристап на минимално инвазивно лекување. Основата на интерветната радиологија се состои не само во дијагностички дел, но и начин на лекување со користење на минимално инвазивни процедури кои подразбираат кратки интервенции под локална анестезија кои се мониторирани под ултразвук, КТ – комјутерска томогрфија или ангио апарат. Предноста е што пациентот не престојува долго во болница и најчето си оди за неколку часа, не се користи целосна анестезија, а ефективноста е многу висока.
Особено ми е драго и се радувам што можеме да чекориме со најразвиените европски и светски клинички центри. Многу од интервенциите за кои пациентите патуваа во западните земји сега се достапни кај нас. Силната континуирана поддршка од мојата матична куќа ГОБ „8-ми Септември“ предводена од проф.д-р Синиша Стојаноски и препознавањето на нашата болница како синоним на квалитетната здравствена услуга и стожер на секундарната здравствена платформа од министерството за здравтсво е вистински чекор кон градењето на силен растечки и модерен здравствен капитал.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски