
Преку ЕУ проект за поддршка на трансплантацијата, над 50 здравствени работници се едуцираат со предавања од врвни европски експерти, се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство.
Во рамки на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската Унија, беше организирана обука за здравствени работници, со цел унапредување на системот за трансплантација во Македонија. Посетата на Марге Мартјак, експерт за ткивни банки и супстанции од човечко потекло на банката за ткива во Централната болница Талин – Исток во Естонија, донесе серија обуки за лекари, медицински сестри и биолози, информираат од Министерството.
Обуката опфатила протоколи за набавка, контрола на квалитет, складирање и микробиолошко тестирање на ткива.
Во писмената изјава на Мартјак се наведува дека банките за ткива обезбедуваат безбедност и квалитет на донираните ткива, што е клучно за успешни трансплантации.
Тие го намалуваат ризикот од инфекција и отфрлање на трансплантираните органи, како и потребата за повторни процедури, додава Мартјак.
Од Министерството потенцираат дека овие обуки се од суштинско значење за развојот на банките за ткива во Македонија, што е клучно за успешната трансплантација на органи. Естонија, како членка на Скандитрансплант, била споделена како пример за развојот на оваа сфера.
Доктор Матиас Трбушиќ, исто така експерт од Хрватска и водечки кардиолог, одржа предавање посветено на напредокот на срцевите трансплантации. Тој сподели вредни искуства од Хрватска, која е дел од Евротрансплант, и направи споредба со состојбите во Македонија, се додава во соопштението.
Според Трбушиќ, нашата држава вложува сериозни напори за создавање на систем што ќе обезбеди стабилен раст и успех во областа на трансплантацијата.
Доктор Трбушиќ вели дека националната координаторка, професор Билјана Кузмановска, покажала извонредна енергија, експертиза и решителност во надминување на предизвиците, што е од суштинско значење за успехот на трансплантациската програма. „Затоа, искрено верувам во иднината на трансплантационата медицина во оваа убава и гостопримлива земја. Посветените медицински професионалци на Македонија се уште една причина граѓаните да останат и заедно да придонесуваат за изградба на посилен здравствен систем и општество“, заклучува тој, се додава во соопштението.
Кузмановска ја истакнала важноста на континуираната едукација на здравствените работници, што, се потенцира, е основа за напредок во трансплантацијата.
- Инвестицијата во знаењето е непроценлива и продолжуваме да ја вложуваме во обуките, со цел да го унапредиме системот на трансплантација. Трансплантацијата претставува највисок чин на човекољубие и во континуитет ќе се стремиме за подигнување на јавната свест и следење на новитетите во областа, се наведува во нејзината писмена изјава. бд/нд/