
Регистрирани се 56 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот во земјава од 20 до 26 октомври. Ова претставува намалување од 32,5 отсто во споредба со претходната недела, соопшти денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од ИЈЗ велат дека бројот на пријавени случаи сѐ уште е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, што значи дека не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Споредено со минатата сезона, од ИЈЗ велат дека во истиот период биле регистрирани 42 заболени луѓе што е зголемување од 33,3 отсто, додека, пак, во однос на просекот од последните 15 сезони, оваа недела се регистрира намалување од 10,5 проценти.
Најмногу заболени лица оваа недела имало во Гостивар – 20, во Куманово – 15 лица, Прилеп – 7, во Тетово и Радовиш имало по петмина, а во Струмица и Македонски Брод биле пријавени по двајца заболени.
Најголем дел од заболените, 48 лица, се регистрирани во возрасната група од 15 до 64 години.
Иако има намалување во 43-та недела, вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грипот за сезоната 2025-2026 година изнесува 244.
Овој број е зголемен за 64,9 проценти во споредба со истиот период од минатата сезона и регистрира зголемување од 21,9 отсто во однос на просечниот модел од последните 15 сезони.
ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита и препорачува да ја примат сите граѓани, а особено луѓето во ризичните групи – оние постари од 65 години, деца од 6-59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, досега 31.289 луѓе од ризичните категории на населението се вакцинирани со бесплатни вакцини.

Македонски








