Skip to main content
Д-Р ТАНЕР ХАСАН, ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА ЕНДОКРИНОЛОГИЈА

Педесет отсто од пациентите во центрите за обезност се помлади од 40 години, апелирам да бараат помош

Александар Ивановски/Скоро кај 80 отсто кои се лекуваат, имаме успех и тие се доследни на препораките, вели д-р Хасан

Скоро 50 отсто од пациентите кои доаѓаат во центрите за обезност на Универзитетската клиника за ендокринологија и во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје се на возраст до 40 години. Младите сами доѓаат, бараат од матичните лекари да добијат упат за дебелина и да дојдат во Центарот. Скоро кај 80 отсто кои се лекуваат, имаме успех и тие се доследни на препораките, вели во интервју за „Република“ д-р Танер Хасан, директор на Клиниката за ендокринологија.

Помалку од две години на Клиниката за ендокринологија постои Центар за обезност каде што досега се прегледени околу 2.000 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има околу 1.500 пациенти. Според д-р Хасан, за шест месеци овие пациенти губат од 10 до 15 отсто од вкупната телесна тежина, ако се продолжи, некои стигнуваат и до 20 отсто. Како се ближат летните одмор, така се зголемува бројот на пациенти, од март-април повеќе ги има.

Младите водат повеќе сметка, повеќе внимаваат, имаат пристап до информации. Даваме едукација за исхрана, имаме нутриционист во тимот, обучени сестри, им даваме насоки како да се хранат, како трреба да изгледа физичката активност, колку трае. Ние не можеме да бидеме со пациентите 24 часа. Ние ги даваме општите препораки што се даваат секаде во светот, а за другото тие треба да водат да сметка. Нашата цел е да се продолжи се терапија додека не се постигнат таргетите. Да се подобри крвниот притисок, да се намали индексот на телесната маса. Штом ќе се постигнат тие параметри, ние настојнуваме дозата да се намали и што да се прекине терапијата и да се продолжи само со физичка активност и исхрана, вели д-р Хасан.

фото: Александар Ивановски

Тој апелира овие пациенти да бараат помош.

Досега тие биле стигматизирани, дел од нив ниту оделе на лекар и ако оделе, токму поради стигмата, се откажувале. Тука, за жал, и ние сме виновни како здравствени работници и тоа го покаживаат и направените студии. Ние како фела треба да водиме сметка. Луѓето почнаа да не се чувстуваат изолирани. Штом ќе се јават, ние треба да ги мотивираме, вели д-р Хасан.

Со д-р Хасан разговаравме за користерењето на „оземпик“, како тој делува кај лица кои немаат дијабет, кој смее да го користи, дали има несакани ефекти, дали се враќа килажата кога ќе се престане користењето и како е законски кај нас регулирано купувањето на лековите за слабеење.

„Оземик“ е лек што се користи за контрола на шеќерот кај лица со дијабетес тип 2, но не е одобрен за општо слабеење кај здрави лица. Но, неговата употреба се повеќе се зголемнува. Каков е вашиот став?

Д-Р ХАСАН: Во последните две години се зголемува свеста за обезноста, доаѓаат многу пациенти и тоа во двата Центри и кај нас на Клиниката за ендокринологија и во Градската оппта болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје. Бројот на пациенти кои користат „оземипик“, лекот кој е регистриран за дијабетичари кои паралелно имаат и обезност и на „Саксенда“, лекот кој е регистриран во Македонија за обезност е многу зголемен. Голем број пациенти кои ја користат оваа иновативна терпаија имаат, барем јас така сакам да мислам, индикации за терпаија. Секојдневната пракса ни покажува дека има и пациенти кои на своја рака користат антиобезни лекови. Ние како лекари, кои ја следиме оваа проблематика, не препорачуваме никој на своја рака да ги користи лековите. Сепак, треба да има индикација и да се направат претходни анализи. Пациентот, ако има потреба за фармаколошка терапија, треба да се подготови. Пред тоа, треба да се почне со регулирање на диетата, да се подобри исхраната, да се подобри животниот стил, да се зголеми физичката активност и да им се даде еден извесен период на пациентите само со овие промени и да се утврди колку од вкупната телесената тежина ќе може да изгубат. Тука не се води сметка само за телесната тежина, туку и за другите метаболични параметри, тие се многу важни, како што се: дали пациентот има хипертензија, високи липиди, проблеми со нивоата на гликемија во крвта. Сите параметри треба да одат паралелно со телесната тежина. Не се фокусмираме само на телесната тежина, бидејќи дел од пациентите откако ќе ја почнат терапијата, по извесно време стагнираат со губење на телесна тежина. Меѓутоа, метаболните параметри стојат во нормала, што е плус бенефит за оваа терапија.

Фото: Александар Ивановски

Како делува кај условно кажано здравите лица користењето „оземпик“?

Д-Р ХАСАН: Кога велиме обезност, има неколку класи. Прво треба да се води сметка дали има или не обезност, а тоа се пресметува со индекс на телесна маса. Ако е 30 или над 30, тогаш зборуваме за обезност. Дел од пациентите, кои користат на своја рака лек за слабеење, без да обрнуваат внимание на овие параметри, треба да бидат многу внимателни, бидејќи, сепак, се работи за фармаколошки лек и има нус-ефекти. Посебно, ако во семејството имаат анамнеза за карцином на тироидна жлезда, посебно ако се работи за медуларен карцином на тироидна жлезда, таму има контраиндикација, не треба ни да се почне со терапија. Не смее да се користи ако пациентот има малигна болест. Посебно треба да бидат внимателни пациените кои имаат проблеми со панкреас, ако некогаш во својот живот развиле панкреатит. Потоа, пациенти кои користат прекумерни количества на алкохол. Оваа терапија може да провоцира напад за панкреатат. Исто така пациенти кои имаат камен на жолчка. Затоа е добро претходно да се направи барем ехо на абдомен. Има несакани ефекти со желудникот, надуеност, повраќање, гадење и вакви проблеми имаат скоро 90 отсто од пациентите. Кај некого тоа може да трае неколку дена, но кај еден дел од пациентите може да трае подолг период. Гадењето, повраќањето предизвикува дехидратација на организмот, губење на електоролити, пациентот може да колабира. Затоа, терпаијата мора да биде под контрола на доктор, бидејќи докторот е тој што индицира дали треба да се почне со терапија.

Колку време трае терапијата и дали има јо-јо ефект?

Д-Р ТАНЕР: Има јо-јо ефект и кај пациентите кои држат диета и одма, по прекинување на диетата, за кратко време се добива пак во килажа. Истиот ефект е и кај пациените со фармаколошка терапија. Меѓутоа, кај нив, после прекинување на терапијата, не се враќаат килограмите толку брзо, како што е тоа случај со оние кои биле на диететски режим. Таа тежина се одржува барем една година, а килограмите се враќаат постепено. За пациентите за кои се сомневаме дека има враќање на телесната тежина назад им препорачуваме да продолжиме со минимална доза на терапија, со доза на одржување од 0,25 милиграми, конкретно ако се работи за „оземпик“. Таа минимална доза е доволна за одржување на изгубената маса, да не се врати старата тежина. Дали ќе бидат цел живот на тераприја, зависти од пациентите. Овој лек подолго е присутен на пазарот, 4-5 години, во Македонија е скоро две години, во Европа и САД се користи со години. Ако е под надзор на лекар, може неколку години да се користи. Штом ќе се постигнат тие таргет вредности, може да се направи пауза и да се види само со диета, физичка активност, дали се одржува и колку време ќе трае. Индивудуално е и различно е кај секој пациент. Сите студии покажуваат дека скоро една година се одржува изгубената телесна тежина.

Јавни личности го промовираат слабеењето со „оземпик“ и велат дека со негова помош ја намалиле тежината. По медиумите го гледаме нивниот лик, кој уште се нарекува „лице на оземпик“.

Д-Р ТАНЕР: Ако се потпреме само на терапија, тоа медицински не е добро, треба паралелно да се води диететски начин на исхрана и задолжително, зголемена физичка активност. Оваа терапија не ја намалува само тежината, туку ја намалува и мускулната маса, а тоа е штетно за организмот. Затоа, кај овие пациенти препорачуваме паралелно да вежбаат, да имаат физичка активност, за да се одржи таа мускулна маса. Ако може и да се додаде мускулна маса. Ако пациентите долго време го користат лекот, кај нив може да настане саркопенија, односно намалување на мускулната маса. Кај нив се забелележуваат овие симптоми, имаат испиен лик. И психички не се чувстуваат добро. Кај нив, единствен начин за одржување на таа мускулна маса е физичка активност и вежбање. Многу е битна и дистрибуцијата на масното ткиво. Некои имаат повеќе масни наслаги наталожени во регионот на стомакот, или ако имаат на нозете, посебно на колковите. Кај пациентите со абдоминална обезност, кај нив треба да се почне терапија. Двајца пациенти може да имаат ист индекс на телесна маса, а едниот да има масни наслаги наталожени само во глутеална регија и кај нив нема потреба веднаш да се почне со тепарија. Меѓутоа, ако има во абдоминална регија, тогаш се почнува со терапија. Кај жените обезноста е повеќе во глутеланата регија, а кај мажите во абдоменот.

Како е законски кај нас регулирано купувањето на лековите за слабеење? Пациенти се сведоци дека постојат аптеки во кои може да се купи и без лекарски рецепт?

Д-Р ТАНЕР: На пазарот се продаваат секакви лекови, но индикација за третирање обезност имаат само „оземпик“ и „саксенда“ и таблетите „рибелсус“. Во Македонија за обезност е регистиран само лекот „саксенда“. Другите лекови од страна на МАЛМЕД немаат регистрација. Меѓутоа, ги има во продажба. Другите лекови имаат индикација ако пациентот има и дијабет, освен обезност. Без извештај од доктор, пациент не може да купи. Постојано, во сите јавни настапи апелираме, да не се купуваат овие лекови без извештај од лекар. Во еден период се појавија и лажни лекови, пенкалото е слично на „оземпик“ или „саксенда“, но внатре, содржината не е иста. Тие се прават од инсулинските пенкала, внатре содржат инсулин во разредена форма. Пациентот не знае, ако користи паѓа шеќерот, прави хипогкилемија. Пред скоро две години имавме такви случаи, двајца пациенти ги хоспитализиравме. Пријавивме и во МАЛМЕД.

Научниците велат дека треба да помине подолго време за да ги знаеме точните ефекти од „оземпикот“. Што велат светските истражувања?

Д-Р ТАНЕР: Овие лекови првенствено се произведени за терапија на дијабетесот. Првиот таргет на компанијата и на научните установи кои одобруваат како ФДА, ЕМА било наменето за диајбетес. После извесен период е забележано дека заедно со намалување на гликемијата, се намалува и телесната тежина кај овие пациенти. После тоа, целото внимание е насочено кон дебелината. Утврдено е дека и покрај тоа што лекуваат дијабетес, имаат позитивно влијание врз телесната тежина и врз слабеење. Потоа, целата фармако-индустрија се пренасочи на обезноста, бидејќи е многу популарно и многу има побарувачка. Прво почна во САД, бидејќи таму скоро 50-60 отсто од популацијата е дебела. Лекот дојде и во Европа. Не смее да се користи без контрола на доктор, никако на своја рака да се користи. Иако несаканите ефекти се мали, сепак, треба лекарска контрола.

фото: Александар Ивановски

30,4 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8 проценти живеат со дебелина, а 4,4 отсто со екстремна дебелина, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Како ги коментирате овие податоци?

Д-Р ТАНЕР: Се почнува во детската возраст. До 2030 година се очекува до 60 отсто да се зголеми бројката на обезност кај децата. Мора се води сметка како се хранат, на училиште не треба да имаат лесен пристап на производи кои содржат висок процент на транс масти или јахлехидрати. За жал, тие се најевтини и тоа го прифаќаме заради економската ситуација во државата. Апелираме, ако има можност, да се зголеми данокот на овие производи. така е сегде во светот. Порано и повеќе физичка активност имало, сега, за жал, децата се изолирани, седат дома, цело време пред електорнски уреди.

Што се случи со идејата за формирање на Центар за дебелина на Клиниката за детски болести?

Д-Р ТАНЕР: Во тек сме. На 28 и 29 март кај нас ќе се одржи прв регионален симпозиум за обезност во Македонија каде што ќе присустува и претседателот на Европското здружение за обезност. Симпозиумот ќе биде мултидисциплинарен, ќе бидат присутни кардиолози, педијатри, детска ендокринологија, јавно здравје, гастро, дигестивна хирургија. Прво во Прилеп имаме најава за отворање на уште еден Центар за обезност, очекуваме тоа да се случи крај на април и потоа следи Центарот на Клиниката за детски болести.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Поврзани вести