
Непозната болест во северозападниот дел на Конго усмрти повеќе од 50 луѓе, соопштија лекарите на терен и Светската здравствена организација (СЗО).
Интервалот помеѓу почетокот на симптомите и смртта во повеќето случаи е 48 часа, што е сериозна загриженост, рече Серж Нгалебато, директор на болницата „Бикоро“, регионален центар за следење болести.
Избувнувањето на болеста во Конго започна на 21 јануари, а регистрирани се 419 случаи, вклучително и 53 смртни случаи.
Според информациите од одделот за Африка при СЗО, првиот случај во населбата Болоко започнал откако три деца изеле лилјак и починале 48 часа откако развиле симптоми на треска.
СЗО соопшти дека бројот на вакви епидемии во Африка се зголемил за повеќе од 60 отсто во последната деценија.
По второто избивање на болеста во населбата Бомате на 9 февруари, примероци од 13 случаи се испратени на тестирање во Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса. Сите примероци биле негативни за ебола и други вообичаени хеморагични трески како Марбург. Некои примероци биле позитивни на маларија.
Минатата година, непозната болест слична на грип, од која починаа десетици лица во друг дел на Конго, најверојатно била маларија, се наведува во извештајот.