Skip to main content

ИЈЗ апелира родителите да не ја одложуваат МРП вакцината

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упатува апел до сите родители и граѓани кои не ја примиле МРП вакцината (против мали сипаници, рубеола и паротит), согласно националниот Календар за имунизација, да ги посетат надлежните вакцинални пунктови и да ја надоместат пропуштената доза.

ИЈЗ ги повикува граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт за проверка на вакциналниот статус, вакцинација и дополнителни информации.

Имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји за кој веќе информиравме, ИЈЗ укажува на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки, велат од Институтот.

Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза.

Малите сипаници се едно од најзаразните вирусни заболувања, кое лесно се пренесува од човек на човек. Вирусот се шири преку воздухот, со честички што заразеното лице ги исфрла при дишење, зборување, кашлање или кивање. Тој може да остане во воздухот до два часа по заминувањето на заразеното лице од просторијата, што значи дека инфекцијата може да се пренесе и без директен контакт со заболениот.

Првите симптоми на морбили најчесто вклучуваат висока температура, малаксаност, кашлица, течење на носот и воспаление на очите. Кај дел од заболените се појавуваат и таканаречени копликови дамки кои се ситни белузлави промени на слузницата во устата. Потоа следува карактеристичен осип, кој обично започнува на лицето и постепено се шири кон трупот и екстремитетите. Осипот најчесто трае пет до шест дена.

Инкубацискиот период, односно времето од изложувањето на вирусот до појавата на првите симптоми, најчесто изнесува околу 11 до 12 дена, додека осипот обично се појавува околу 14 дена по изложувањето.

Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница, велат од ИЈЗ.

Поврзани вести