Skip to main content
Проф. д-р Јадранка Георгиевска, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство

Девојките уште од млади треба да знаат дека силната менструална болка не е нормална, туку е сигнал да се побара помош од гинеколог

Силната менструална болка не треба да се смета за нешто „нормално“ што мора да се издржи. Доколку болката е интензивна, се влошува со текот на времето или го нарушува секојдневното функционирање, важно е жената да побара совет од гинеколог, вели проф. д-р Јадранка Георгиевска, раководилтека на одделот за ургентна и интрвентна гинекологија на Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје.

Март е месец посветен на подигнување на свеста за ендометриозата – хронична болест при која ткиво слично на ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) расте надвор од матката, предизвикувајќи воспаление, болка и понекогаш неплодност.

Се проценува дека околу 190 милиони жени и девојки во репродуктивна возраст (околу 10%) во светот се погодени од оваа состојба. Дијагнозата често доцни од појавата на првите симптоми. Причина за ова е што болката често се смета за „нормален дел од менструацијата“, а многу жени не бараат медицинска помош навреме.

Сепак, помладите генерации се посвесни за ендометриозата, делумно благодарение на поголем пристап до информации и кампањи за подигање на свеста. Денес сè повеќе жени препознаваат дека силната болка не е нешто што треба да се издржи, туку сигнал да се побара помош од гинеколог, вели проф. д-р Георгиевска во интервју за „Република“.

Што точно е ендометриоза и како се развива?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Ендометриозата е хронично гинеколошко заболување при кое ткиво слично на слузницата што нормално ја обложува внатрешноста на матката се појавува и расте на места каде што не треба – на пример на јајниците, јајцеводите, надворешната површина на матката или во малата карлица. Во нормални услови, оваа слузница (ендометриумот) секој месец се задебелува за да подготви матката за евентуална бременост. Ако бременост не настане, таа се исфрла со менструацијата.

Кај ендометриозата, делови од вакво ткиво се наоѓаат надвор од матката, но тие се однесуваат исто како и слузницата во матката – реагираат на хормоните на менструалниот циклус, се задебелуваат и крварат. Бидејќи оваа крв нема каде да се исфрли, може да предизвика развој на “чоколадни” цисти, воспаление, болка.

Точната причина зошто се развива ендометриозата не е целосно разјаснета, но се смета дека улога имаат повеќе фактори: хормонални фактори, бидејќи болеста е зависна од естроген; генетски фактори, затоа што почесто се јавува кај жени кои имаат мајка или сестра со истата болест; имунолошки фактори односно промени во имунолошкиот систем кои не успеваат да ги отстранат овие клетки кога ќе се појават надвор од матката.

Поради тоа, ендометриозата се смета за комплексна болест во која учествуваат повеќе механизми, а најчесто се манифестира со болни менструации, хронична карлична болка и понекогаш проблеми со плодноста.

Како ја дефинирате ендометриозата во клиничка практика?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Во клиничка пракса, ендометриозата ја дефинираме како хронична болест со варијабилна клиничка презентација, најчесто со дисменореја, диспареунија, хронична карлична болка, инфертилитет.

Колку често се среќава ендометриозата кај жените во Македонија? Дали постојат национални статистички податоци за оваа состојба?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Според резултатите од повеќе меѓународни студии, ендометриозата се јавува кај околу 4–13% од жените во репродуктивна возраст. Кај жени кои имаат проблеми со неплодност, зачестеноста е значително поголема и се проценува дека 25–50% од пациентките со инфертилитет имаат ендометриоза. Во Македонија, за жал, не постојат прецизни национални регистри или официјални статистички податоци за ова заболување. Сепак, клиничкото искуство покажува дека ендометриозата е релативно честа, но често останува недијагностицирана или се дијагностицира со задоцнување. Многу жени со години имаат симптоми, како болни менструации или хронична карлична болка, пред да се постави точна дијагноза. Токму затоа е важно да се зголеми свесноста за болеста и кај жените и кај здравствените работници.

Дали во Македонија има доволно специјализирани центри и стручни лекари за дијагноза и третман?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Во Македонија постојат гинеколози со искуство во дијагностика и хируршки третман на ендометриоза, особено во терцијарните здравствени установи и во приватното здравство. Овие лекари се занимаваат со препознавање и третман на болеста и имаат клиничко искуство во грижата за пациентките.

Македонското здружение за ендометриоза (МЗЕ) функционира како стручно здружение во рамките на гинеколошката професија и редовно организира медицинско-едукативни настани посветени на современата дијагностика и третман на ова заболување. Тоа покажува дека постои активна професионална заедница која континуирано ја унапредува својата експертиза и соработува во подобрување на грижата за пациентките.

Сепак, во моментов во Македонија не постојат специјализирани центри за ендометриоза организирани според меѓународните стандарди, какви што постојат во некои европски земји, каде пациентките се третираат во мултидисциплинарни тимови.

Проф. д-р Георгиевска: Секоја жена со ендометриоза заслужува да биде слушната, разбрана и навремено дијагностицирана / Фото: приватна архива

Дали жените во Македонија се свесни за постоењето на оваа хронична болест или сметаат дека болката е нормална и треба да ја истрпат? Или ова се менува со смената на генерациите, па помладите се посвесни за болеста?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Долго време многу жени сметаа дека болката при менструација е „нормална“ и дека треба да се истрпи. Сепак, помладите генерации се посвесни за ендометриозата, делумно благодарение на поголем пристап до информации и кампањи за подигање на свеста. Денес сè повеќе жени препознаваат дека силната болка не е нешто што треба да се издржи, туку сигнал да се побара помош од гинеколог.

Кои се најчести симптоми што укажуваат на ендометриоза?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Најчести симптоми се силна менструална болка (дисменореја), која често се влошува со текот на времето. Покрај тоа, може да се јават и: хронична болка во малата карлица, болка при сексуален однос, болка при празнење на цревата или при мокрење за време на менструација, потешкотии со забременување. Кај некои жени може да се јават и обилни менструации, надуеност, замор или општа исцрпеност, но симптомите можат значително да се разликуваат од жена до жена.

Колку време во просек жените кај нас ја „преживуваат“ болеста додека ја добијат точната дијагноза?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Во просек, дијагнозата на ендометриоза се поставува со задоцнување од околу 7–10 години од појавата на првите симптоми. Причината е што симптомите често се сметаат за „нормална менструална болка“, па пациентките подоцна се упатуваат на детални гинеколошки испитувања.

Токму затоа е многу важно да се зголеми свесноста за болеста, бидејќи раната дијагноза може значително да го подобри квалитетот на живот на пациентките и навремено да започне соодветен третман.

Како може да се подобри едукацијата на младите девојки за оваа болест?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Едукацијата може значително да се подобри преку воведување на повеќе здравствено образование во училиштата, како и преку информирање преку медиуми, социјални мрежи и јавни кампањи за женското здравје. Важна улога имаат и здравствените работници, преку разговори со пациентките и охрабрување на младите жени редовно да одат на гинеколошки прегледи. Најважно е девојките уште од млада возраст да знаат дека силната и онеспособувачка менструална болка не треба да се смета за нормална, туку дека е сигнал дека треба да се побара стручен совет.

Која е најчестата причина за појава на ендометриоза?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Точната причина за ендометриозата сè уште не е целосно разјаснета. Се смета дека болеста настанува како резултат на комбинација од повеќе фактори, како генетски, хормонални и имунолошки.

Една од најприфатените теории е теоријата на ретроградна менструација, при која дел од менструалната крв, заедно со клетки од слузницата на матката, се враќа преку јајцеводите во карличната празнина. Таму овие клетки можат да се имплантираат и да продолжат да растат, што со тек на време доведува до појава на ендометриоза.

Дали има ризик фактори што жените можат да ги менаџираат?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Повеќето ризик фактори, како генетската предиспозиција или раната појава на првата менструација (менарха), не можат да се променат. Сепак, здравиот начин на живот, редовната физичка активност, одржувањето на нормална телесна тежина и редовните гинеколошки контроли можат да помогнат во рано препознавање и подобро менаџирање на болеста.

Кои третмани се најефикасни — медикаментозни, хируршки, животни/диетални промени?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Третманот на ендометриозата се избира индивидуално, во зависност од симптомите, возраста на пациентката и нејзините репродуктивни планови.

Медикаментозниот третман најчесто вклучува хормонални терапии, како орални контрацептиви, прогестини или GnRH агонисти, кои имаат за цел да ги намалат симптомите и да го успорат растот на ендометриозното ткиво,но самостојно не ја елиминираат болеста.

Хируршкиот третман се применува кај пациентки со изразени симптоми, кај случаи со напредната болест или кога ендометриозата е поврзана со инфертилитет. Најчесто се изведува лапароскопски, што денес се смета за „златен стандард“ во хируршкиот третман на ендометриоза.

Промените во начинот на живот и исхраната можат да помогнат во намалување на воспалението и подобрување на квалитетот на живот, но тие обично се дополнителен пристап и не ја лекуваат болеста самостојно.

Еден од митовите за ендометриозата е дека влијае на плодноста. Дали секоја жена со ендометриоза има проблеми со зачнување?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Не секоја жена со ендометриоза има проблеми со плодноста. Многу жени со оваа дијагноза успеваат да забременат природно. Сепак, ендометриозата може да го зголеми ризикот за инфертилитет, бидејќи може да предизвика воспаление, создавање на адхезии (сраснувања) или цисти на јајниците, што понекогаш ја нарушува нормалната функција на репродуктивните органи.

Ризикот во голема мера зависи од степенот на болеста, локализацијата на лезиите и присуството на цисти или адхезии. Затоа секоја пациентка треба да се процени индивидуално, со цел да се избере најсоодветниот пристап за третман и планирање на бременост.

Проф. д-р Георгиевска: Секоја пациентка треба да се процени индивидуално, со цел да се избере најсоодветниот пристап за третман и планирање на бременост / фото: Приватна архива

Што би им советувале на жени кои чувствуваат силни менструални болки?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Силната менструална болка не треба да се смета за нешто „нормално“ што мора да се издржи. Доколку болката е интензивна, се влошува со текот на времето или го нарушува секојдневното функционирање, важно е жената да побара совет од гинеколог.

Навремената консултација и соодветните испитувања можат да помогнат во рано откривање на состојби како ендометриоза и навремено започнување со третман.

Раната дијагноза може значително да го подобри квалитетот на живот и да го намали ризикот од долгорочни компликации.

Што би препорачале да се промени во здравствениот систем за подобро справување со ендометриозата?

ПРОФ. ГЕОРГИЕВСКА: Секоја жена со ендометриоза заслужува да биде слушната, разбрана и навремено дијагностицирана. За подобро справување со ова заболување потребно е да се работи на подобро препознавање на симптомите, рана дијагноза и поголема едукација и на пациентките и на здравствените работници.

Исто така, важно е да се развијат национални протоколи и јасни упатства за дијагноза и третман, што ќе овозможи поконзистентен пристап во грижата за пациентките.

На тој начин, секоја жена ќе има еднаков пристап до квалитетна и современа здравствена грижа, што е суштински важно за подобро менаџирање на оваа хронична болест.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести