Skip to main content
ГОРАСТ ЦВЕТКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА ЗА ВИДЕО ИГРИ

И на државата ѝ стана јасно дека индустријата за развој на видео игри е многу доходовна и е многу важна за развивање на здрава креативна младина

МГИ/ Гораст Цветковски: Најважно нешто е што оваа конференција беше поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија

На 16 октомври Скопје и Македонскиот народен театар (МНТ) беа домаќини на Првата конфренција за развој на видео игри во Македонија во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри (МГИ). Конференцијата изобилуваше со бројни предавања, панели и работилници посветени на продукцијата, креативните процеси и растот на екосистемот за видео игри. На настанот присуствуваа врвни говорници, меѓу кои и Јари-Пека Калева, претседателот на Европската федерација за развивање на видео игри, како и бројни регионални и европски експерти. Конференцијата собра над 250 посетители на трите сцени, што ја прави уникатна можност за вмрежување, размена на идеи и инспирација меѓу локалните и меѓународни девелопери.

Најважно нешто е што оваа конференција беше поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија. Ова е показател дека и на државата ѝ стана јасно дека оваа индустрија е многу доходовна и е многу важна за развивање на здрава креативна младина, вели во интервју за „Република“ Гораст Цветковски, актер и водител, кого гејмарската публика го препознава како организатор на најголемиот гејмерски настан во државата А1 Гејм фест.

Цветковски е претседател на МГИ и долги години е многу посветен на развојот на гејминг индустријата и организирање на настани за девелоперите на игри, како и во создавањето на МГИ која работи на поддршка на овие девелопери.

Во Скопје се одржа Првата конференција за развој на видео игри во Македонија во организација на МГИ (Асоцијација на македонската индустрија за видео игри). Може ли да ни објасните, колку е голема и што опфаќа МГИ?

ЦВЕТКОВСКИ: МГИ е асоцијација која ги штити правата на студијата и развивачите на игри, се стреми да го унапреди овој сектор на секое поле и да издејствува што подобри услови за работа во оваа индустрија.

Кор членовите на МГИ работат и творат во овој сектор во Македонија повеќе од 15 години. Од првиот гајмџем во 2012 година, преку митапите кои се случуваат на неколку месеци па се до GDR25, кое е во моментот пикот на ваков тип на случувања во гејм дев индустријата.

Заедницата која е зад МГИ брои околу 300 членови кои се составени од професионалци, ученици и студенти и луѓе кои сакаат да работат во оваа индустрија.

Што значи за МГИ и за македонските девелопери Првата конференција за развој на видео игри во Македонија? Какви се бенефитите?

ЦВЕТКОВСКИ: Најважно нешто е што оваа конференција беше поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија. Ова е показател дека и на државата и стана јасно дека оваа индустрија е многу доходовна и е многу важна за развивање на здрава креативна младина. Самиот факт дека беа присутни официјални лица од скоро сите министерства, повеќе од 10 амбасади, претставници од Рекономи од Србија, Албанија и Косово, претставници на швајцарски организации, Холандска Амбасада и други фирми кои не се директно поврзани со развивањето на игри, дава до знаење дека овој сектор се развива многу брзо и секој сака да се качи на возот.

Зоран Љутков, министер за култура и туризам / фото: МГИ

Да објасниме за читателите, што значи гејминг заедница? Кој се е вклучен?

ЦВЕТКОВСКИ: Гејмингот јас лично го делам на три сегменти: 1. Гејмери – луѓе што играат игри, сакаат да се информираат и ги интересира таа култура. 2. Е-Спорт – луѓе кои играат (најчесто) една или две игри и тоа им е професија за плата. Ова е како класичен спорт. 3. Гејм девелопмент – ова е бизнис секторот од гејмингот, односно овде спаѓаат луѓето и фирмите кои ги прават игрите. Иако сите три сектори имаат заедничка тема – игри – сепак тие се многу различни еден од друг и не секогаш луѓето се поклопуваат во интересите едни со други. МГИ се бави со третиот сектор, Гејм девелопментот.

Гораст Цветковски: Со години се лобираше, а истовремено се градеше и гејминг културата во Македонија / Фото: МГИ

На Конференцијата беше објавено дека МГИ станала дел од Европската федерација на развивачи на видеоигри. Какви се поволностите, придобивките за членките на МГИ?

ЦВЕТКОВСКИ: Ова беше долг и макотрпен процес. Со години се лобираше, а истовремено се градеше и гејминг културата во Македонија. Конечно како членки, можеме сите проблеми, потешкотии и недостатоци да ги пренесеме до EGDF кои потоа тие ги подигаат на повисоко ниво, Европски парламент, се со цел да се решат. Примерот за тоа е немањето на регион во PlayStation. Сега имаме уште еден начин да се бориме против оваа неправда.

Колку жените во Македонија се вклучени во гејминг индустријата? И во кои сегменти ги има најмногу?

ЦВЕТКОВСКИ: Бројката е од прилика 60-40 во однос жени со мажи. Се повеќе жени и девојки својот талент си го наоѓаат во оваа индустрија. За разлика од некои други занаети, во гејм девелопментот дискриминацијата е на многу ниско ниво па така можат да испливаат на површина според својот квалитет. Голем дел од „женски професии“ се апсолутно комплементарни во гејм девелопментот.

Гораст Цветковски: Се повеќе жени и девојки својот талент си го наоѓаат во оваа индустрија / Фото: МГИ

Каква е иднината на македонските деволопери?

ЦВЕТКОВСКИ: Светла! Во последните неколку години, откако МГИ „засука ракави“ се случија многу соработки и заеднички проекти, домашни и странски. Правиме редовни митапи со странски предавачи, го лансиравме проектот https://shift2games.com/ на Македонски јазик заедно со Српската гејминг асоцијација, станавме членка на EGDF, ја имавеме една од најуспешните конференции во регионот, државниот апарат го стави развивањето на игри на својата мапа… мислам дека има многу многу напредок.

фото: МГИ

Дали веќе се планира следната Конференција и што ќе значи тоа за креативните индустрии?

ЦВЕТКОВСКИ: Одзивот и впечатокот за ова, прво издание е феноменален. Искрено, си давам одмор некое време и почнуваме со подготовки за следната година. Според исказите и преписките очекувам дека следното издание ќе наиде на многу отворени вратни во и надвор од земјава. Стискајте палци!

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: МГИ

Поврзани вести